Од ДИК потсетуваат дека во дијаспората се гласа само за претседателските избори, а не се спроведе гласање за парламентарните избори поради неисполнетост на минималниот број гласачи пријавени за гласање за да може да се спроведе гласањето.
Што се однесува до 14-те гласачки места во казнено поправни установи во земава каде своето гласачко право денеска можеа да го остварат 2.147 гласачи за претседателските избори и 2.140 гласачи за избор на пратеници во Собранието, гласањето таму течеше без проблеми, информира ДИК.
До 19 часот, според информациите од избирачките одбори, гласаа 1.298 гласачи или 60.46% од запишаните за претседателските избори, односно 1.397 гласачи или 68.72 % за парламентарните избори.
Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица можеа да го остварат и дваца гласачи кои се водат како внатрешно раселени и истите го оствариле своето право и за двата вида на избори. Гласачкото место во центарот за раселени лица е затворено.
Вкупно 534 гласачи кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа имаа можност да го остварат своето право на глас во центарот каде што се сместени за претседателските и парламентарните избори.
Од вкупно 534 гласачи од 20 центри, гласале 401 гласач или 75.09 % за претседател на државата односно 400 гласачи од 20 центри или 74.91% гласале за избор на пратеници.
Според информациите од општинските изборни комисии, гласале 8.926 односно 80.45% болни или немоќни лица за претседател на државата односно 10.036 или 92.04 % за пратеници во законодавниот дом.
Државната изборна комисија досега издаде акредитации за набљудување на двата вида на избори на 1.303 домашни, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари.