среда, 22 мај 2024

Во Црна Гора екстрадиран пребеганиот бизнисмен Душко Кнежевиќ: „Спремен сум да ги дадам сите докази против Мило Ѓукановиќ“

Црногорскиот бизнисмен Душко Кнежевиќ е екстрадиран денес во Црна Гора од Велика Британија, каде со години беше во бегство откако изнесе тешки обвинувања на сметка на тогашниот претседател Мило Ѓукановиќ, но и поради низа кривични постапки кои поради наводни финансиски малверзации се водат против него во Црна Гора.

Принтскрин: Јутјуб

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти црногорската полиција, екстрадицијата е реализирана денес наутро со посебен лет на релација Лондон-Подгорица, со големи мерки за безбедност. Црногорските медиуми потсетуваат дека екстрадицијата на Кнежевиќ е реализирана откако стана правосилна одлуката на судот на Британија од минатата година со која беше одлучено црногорскиот бизнисмен да ѝ се предаде на Подгорица, бидејќи тамошното обвинителство го бара од средината на 2019 година.

Кнежевиќ во јануари кажа дека е спремен да се предаде и да се врати во Црна Гора ако му се дозволи да излегува и влегува во и од државата, и редовно да се јавува според договорот кој би го постигнал со обвинителството. Порача и дека не сака да биде заштитен сведок и дека „нема за што да одговара“. Обвинителството, пак, порача дека Кнежевиќ мора да оди во притвор.

„Сите докази кои ги имам против Мило Ѓукановиќ и кои ги изнесов до сега и ги пријавив спремен сум да ги предадам“, кажа Кнежевиќ. Црногорскиот бизнисмен тврди дека со години ја финансирал Демократската партија на социјалистите и дека на тоа биле приморани и други бизнисмени во таа земја.

Против душко Кнежевиќ во Црна Гора се поднесени три обвиненија: за организирање криминална група, перење пари и злоупотреба на позицијата во работењето, а имотната корист која наводно незаконски ја стекнал изнесува околу пет милиони евра. Кнежевиќ со години беше близок до власта на Мило Ѓукановиќ, а тврдеше и дека биле пријатели.

На почетокот на 2019 Кнежевиќ објави снимка на која се гледа како лично му предава на функционер на партијата ДПС на Ѓукановиќ Славољуб Стијеповиќ коверт, во кој, како што тврди, имало 97.500 евра.

Кнежевиќ тогаш тврдеше дека тоа биле пари за финансирање на изборната кампања на ДПС и дека тоа го направил во договор со лидерот на таа партија и претседател на државата Ѓукановиќ, на негово барање.

По објавувањето на снимката повеќето бизниси кои Кнежевиќ ги имаше во Црна Гора беа затворени. Неговите две банки во Црна Гора беа ликвидирани.

На враќањето на Кнежевиќ во Црна Гора се гледа како на враќање на бегалец од законот, но и пристигнување на опасен и непријатен сведок против поранешниот црногорски лидер Ѓукановиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ