Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство.
„При увидот е констатирано дека постоел склад за гориво во близина на објектот. Сите други околности се испитуваат“, информираа од Обвинителството.
Од Противпожарната бригада на Кочани за МИА потврдија дека во близина на дискотеката има резервоар за нафта, но дека тој бил на друг објект.
Оттаму не знаат точно дали и колку нафта имало во резервоарот.
Министерството за внатрешни работи денеска информира дека овие денови има зголемено присуство на полициски службеници на територија на цела држава, особено во градот Кочани и околу општинската зграда.
„Зголемениот број на полициски службеници е поради извршување на службени активности и обезбедување на документација од општината, а не заради попречување на граѓаните во нивното загарантирано со Устав право на собирање и одржување на протест“, се посочува во соопштението.
МВР апелира до граѓаните сите собирања и протести да се одржат во мирна атмосфера.