Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ го толерирала поранешниот вицепремиер Артан Груби кога ги потценувал и навредувал граѓаните и кога ги понижувал и деградирал институциите кога „ноншаланно по канцеларии играше фудбал или кошарка“.
„СДС го толерираше и му дозволи на Груби да ја ограбува држава, почнувајќи од Лотарија па се до министерството кое тој го водеше. Иако знаеја што прави Груби, СДС свесно му го дозволи тоа. СДС тоа, единствено, го правеа поради желбата да останат што подолго на власт. За криминалот на Груби виновни се и СДС. Во време на власт на СДС, Груби слободно и без никаков проблем си крадеше и ја ограбуваше државата, а за тоа не само што немаше кривичен прогон или пак постапка, немаше дури ни усна опомена или пак дистанцирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владеачката партија тврдат дека СДСМ и сега во опозиција молчи за Груби и не се дистанцира од него. Не го повикува да се врати во државата за да се соочи со правдата.
„СДС и Венко Филипче ако се барем малку доблесни треба да признаат пред македонската јавност дека тие го создадоа Груби и за тоа јавно да се извинат. А, истовремено да ги повикаат на одговорност и претходниците на Филипче, Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Затоа што, да не беше нивната желба за подолго останување на власт, Артан Груби немаше да ѝ се случи на Македонија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.