сабота, 27 јули 2024

ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште се мисли кој да биде носител на листа во петтата изборна единица

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги определија носителите на листи за четири од вкупно петте изборни единици. Сѐ уште не е познат само носителот на листата за парламентарните избори за петтата изборна единица. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски ќе биде носител во првата изборна единица, а како што потврди денеска, во втората изборна единица прв на листата ќе биде потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во третата пратеникот Драган Ковачки, во четвртата потпретседателот Александар Николовски, а во шестата изборна единица пратеничката Дафина Стојановска.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски очекува набрзо да се финализираат листите за пратеници за изборите на 8 мај.

„Според планот на активностите некаде 31 март е предвиден ден за промоција на листите за пратеници. 30 март е денот кога официјално ќе се потпише коалицискиот договор, така што во рамките на овие две-три недели сѐ ќе биде познато“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Освен прашањето за ЕУ и за тоа како земјата ќе го продолжи европскиот пат, Мицкоски вели дека за време на изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде насочена на нудење решенија. Политики, посочува тој, што практично ќе ги решаваат напластените проблеми на граѓаните.

„Немаме намера да водиме црна кампања. Гледам дека црната кампања на СДСМ и тие коишто орбитрираат околу СДСМ не е насочена ниту кон ВМРО-ДПМНЕ, или кој било, туку директно кон мене. Јас ќе им порачам само нека продолжат нека се занимаваат со Христијан Мицкоски, ние ќе продолжиме да им нудиме на граѓаните она кое што за нив е потребно, а тоа се решенија коишто значат иднина, решенија коишто ќе даваат одговор на проблемите со коишто граѓаните се соочуваат на дневна основа, пред сѐ тука мислам на проблемите во рамките на администрацијата, стандардот, слабата економска состојба, борбата со криминалот и корупцијата, владеењето на правото, проблемите со коишто се соочуваат пензионерите, земјоделците, младите, образованието, здравството…Ние ќе решаваме проблеми, а тие нека продолжат со црната кампања која што е насочена кон мене. Тоа само дополнително нѐ мотивира“, изјави Мицкоски на настан во скопската општина Аеродром.

ВМРО-ДПМНЕ, кажа тој, ја финализира изборната програма и денеска ќе се одржи завршниот состанок со групата која ја изработува. Имајќи предвид дека кампањата за парламентарните избори започнува на 18 април, тој очекува до крајот на месецот да има и официјална промоција на програмата.

„Многу сме внимателни кога ја креираме, многу сме конзервативни. Не ветуваме премногу, не ветуваме чуда, но тоа што е ветено стоиме позади тоа и врз основа на тоа ќе ја градиме нашата политика. Дури и споменуваме дека после две години истата таа програма ќе биде ревидирана и надградена откако реално ќе ги видиме ресурсите со коишто располагаме, бидејќи она што го имаме како информација што ќе го наследиме од оваа криминална влада на СДСМ и ДУИ е навистина алармантна“, рече Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ