„Со заминувањето на СДСМ и ДУИ од власт завршија погубните политики поради кои во изминатите 7 години бројот на ученици се намали за 17.000, а секоја година од државата се иселуваа по 2,5 илјади млади со академско образование. Завршија манипулациите со наставниците, учениците и со студентите, времето на отворање приватни факултети заради лични и партиски интереси. Заврши користењето на министерските кабинети како игралишта за фудбал и кошарка, наместо за решавање проблеми и креирање стратегии за подобро образование“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
За Владата, се додава во соопштението, образованието е врвен приоритет и столб на општествениот развој. Со најголем буџет досега од речиси 40 милијарди денари (650 милиони евра), оваа година фокусот е насочен кон унапредување на сите аспекти на образовниот систем. Започнати се крупните промени коишто граѓаните ги очекуваат, потенцира партијата.
„Грижата за ученичкиот и за студентскиот стандард е евидентно зголемена. Младите изразуваат задоволство што се вклучени во креирањето на политиките кои ги засегаат и се излегува во пресрет на нивните потреби и барања. Средствата наменети за нив се зголемени за 500 милиони денари. Се подобруваат условите во училиштата, спортските објекти, ученичките и во студентски домови. Министерството за образование и наука во моментов реализира 40-тина крупни инфраструктурни инвестиции. Започната е етапна реконструкција на државните студентски домови. СДСМ не успеа да ги изгради студентските градови кои предизборно секогаш ги ветуваа. Немаа пари за младите, но имаа за личен луксуз“, се вели во соопштението.
Се менува законската регулатива за повеќе и подобри можности за сите граѓани, а јавноста активно учествува во процесот, додава ВМРО-ДПМНЕ.
„Наставниците добиваат економска сигурност. Постигнат е долгорочен договор за етапно зголемување на платите на наставниците и тој веќе се реализира. Предвидуваме зголемување од 46 до 60%, во зависност од степенот на инфлација. Реален раст на платите, не како во времето на СДСМ и ДУИ, кога инфлацијата беше двојно поголема од процентот одвоен за наставниците“, се додава во соопштението.
Образованието во Македонија ќе има подобра иднина од сегашноста во која се наоѓа поради погубните политики на СДСМ и ДУИ. Нашите деца имаат право на квалитетна едукација и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможи да се развиваат како нивните европски врсници, соопшти партијата.