вторник, 10 декември 2024
Изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО–ДПМНЕ одлучува за учество во техничката влада, Мицкоски е ЗА

Од вечерашниот состанок на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува да се донесе одлука дека партијата ќе биде дел од техничката влада и најави дека на истиот ќе даде предлог и опција за пролонгирање на рокот за промена на личните документи. Мицкоски даде и коментар за вчерашното соопштение на холандскиот амбасадор по средбата со лидерот на ДУИ и нагласи дека за мешањето во судството ВМРО-ДПМНЕ зборува со години наназад. Тој нагласи дека партијата бара да се пролонгира рокот за замена на личните документи.

Објавено на

часот

Сподели

„Очекувам најпрво да се донесе одлука дека ВМРО – ДПМНЕ ќе биде дел од техничката влада, бидејќи прво треба да донесеме одлука на највисоките органи на партијата дали ќе бидеме дел од техничката влада или нема да бидеме. Мојот став е дека ВМРО – ДПМНЕ треба да биде дел од техничката влада и треба да предложи кадровски решенија“, нагласи Мицкоски.

Тој не очекува на денешниот состанок да се одлучува за кадровските решенија.

„Имаме уште две недели од денеска па натаму ќе ја анализираме состојбата ниту едно име не е исклучено, ќе видиме период што следи, ќе имаме внатрешни консултации, ќе донесеме одлука кои се тие луѓе кои ќе се грижат за процесот, кој што следи, а тоа е огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните претседателски и парламентарни избори. Тоа е основната задача на техничките министри, кои ќе бидат и заменици предложени од ВМРО-ДПМНЕ, да ја заштитат волјата на народот и победата за народот да добие влада каква што заслужува“, рече Мицкоски.

За проблемот со вадењето на лични документи Мицкоски нагласи дека ќе побара поддршка од Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување претставка пред Уставниот суд за ставање на времена мерка на Законот од 2021 година за патните исправи и пасошите.

„Имаме две опции, едната опција е во парламентот да се донесе закон со кој рокот ќе се продолжи и тоа е една од опциите. И втората опција на што работи ВМРО-ДПМНЕ и за што денеска ќе побарам поддршка од Извршниот и Централниот комитет е да се поднесе претставка пред Уставниот суд како суд кој се грижи за Уставот, кој е над сите закони да се стави времена мерка на Законот од 2021 година да биде вон сила се до следно одлучување дали е тој уставен или не, а се однесува на патните исправи или пасошите“, истакна лидерот на ВМРО ДМНЕ и додаде дека Уставниот суд може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка.

Мицкоски изјави дека личните карти и по 12 февруари се важечки и валидни во внатрешниот промет.

„Апелирам до граѓаните, оние кои имаат важечка лична карта, да бидат спокојни бидејќи таа и по 12 февруари останува во правниот промет во Македонија. Пензионерите ќе може да си ги подигнуваат своите пензии, вработените своите плати, студентите своите стипендии, кредити итн. Да не подлегнуваат на обидите на власта за манипулација, а потоа да се сврти вниманието кон техничката влада односно кон техничкиот министер, кој ќе дојде од ВМРО-ДПМНЕ“, вели тој.

За најавата од премиерот Димитар Ковачевски дека по празниците ќе одржи средба со него, Мицкоски рече дека нема ниту најава, ниту каква било друга информација за  средба.

Во однос на средбатга на холандскиот амбасадор со лидерот на ДУИ, Мицкоски рече дека амбасадорот го кажал тоа на што и тој и партијата алармирале.

„Амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп го потврди тоа што ние го зборуваме со години наназад, дека не владее правото, дека е партизирано и октроирано судството, се вршат притисоци врз судии, се избираат партиски судии и во Судски совет, дека и обвинители се бираат“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски коментирајќи го соопштението на амбасадорот по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Сега повторно имаме таков оглас каде набрзина се прават притисоци да се изберат нови судии и обвинители пред одење за да можат на тој начин овие криминалци во Владата да бидат заштитени или барем така мислат дека, ако си постават свои судии и обвинители набрзина дека сето она кое идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го започне тие практично ќе го опструираат во процесот на истраги, судски предмети или пак пресуди во конечен случај“, изјави Мицкоски.

Според него, ова е само потврда за сето она што се случува во изминатите години.

Холандската амбасада вчера информираше за средбата меѓу холандскиот амбасадор и лидерот на ДУИ Али Ахмети на која, како што стои во објавата од Амбасадата, амбасадорот ја пренел пораката дека „посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава“, како и дека „неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ