сабота, 27 јули 2024
Изјава на пратеникот Милошоски

ВМРО-ДПМНЕ очекува власта да предложи законско решение за кратење на функционерските плати

Објавено на

часот

Сподели

„Како политичка партија уште пред да биде оваа тема за личниот доход и одлуката на Уставниот суд, пред два месеци имавме повеќе предлог-закони, но би го напоменал оној што е најбитен. Поднесовме предлог-закон за укинување на 40 заменички-директорски места коишто беа изгласани во државни јавни претпријатија од страна на СДСМ и ДУИ за да можат полесно да се договараат во рамките на коалицијата, иако тие беа непотребни и создаваат голем буџетски трошок. Власта со едно гласање беше против самата потреба овој закон да се стави на дневен ред. Ова го напоменувам за да ви укажам дека имаме лошо искуство со многу наши предлози коишто се однесувале на буџетските расходи и нивно намалување. Затоа ќе и дадеме можност на власта она што го најавуваат како системски закон што поскоро да стигне во Собранието и опозицијата ќе даде поддршка“, рече Милошоски.

Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, на пратениците, но и на сите вршители на јавни функции.

Во однос пак, на предлог измени во Изборниот законик Милошоски рече дека оддамна поддржуваат реформа со една изборна единица во државата.

„Владата на СДСМ и ДУИ седум години ги манипулира и јавноста и помалите политички партии за менување на моделот во една изборна единица како подемократски изборен модел. Втората манипулација беше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го попречи ваквото менување на изборниот модел. Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица и дека тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на цела територија на Република Македонија и ја повикуваме власта да излезе со вакво решение“, рече тој на новинарско прашање.

Доколку власта излезе со решение за една изборна единица, тогаш, како што дополни, тие ќе се вклучат и ќе го дадат нивниот придонес во утврдувањето на конечниот текст на Изборниот законик.

„Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел“, рече Милошоски.  

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ