сабота, 27 јули 2024

ВМРО-ДПМНЕ мора да одлучи дали ќе го фати последниот воз кон европскиот блок, вели премиерот

Објавено на

часот

Сподели

„Во тој контекст и високиот претставник на САД, Габриел Ексобар упати јасна порака. Опозицијата не треба да ми даде мене поддршка. Треба да ја поддржи европската иднина на нашите граѓани, а нашите граѓани сакат да живеат во ЕУ ама да живеат тука, дома во Северна Македонија земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски. 

Посочи дека денеска со коалициските партнери се сложиле дека заедничка цел е земјата да оди напред и да се движи со демократскиот и прогресивниот свет. Нашата цел, рече Ковачевски, е полноправно членство во ЕУ до 2030 година и во оваа цел „нѐ поддржуваат и нашите стратешки партнери“.  

„Денес кога повеќе од кога било досега е важно Европа да остане обединета целосна, слободна и во мир со нашите стратешки партнери се согласивме дека истото не е можно без интеграција на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан во европското семејство. Токму затоа евроатлантската интеграција и нејзиниот демократски развој, безбедност и стабилност се особено важни за нашите стратешки партнери САД“, рече Ковачевски.  

Повика на отвореност и политичка одговорност и ги повика сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварување на стратешките цели на државата. 

„Опозицијата одбива да се вклучи и во работната група за подготвување на уставните амандмани исто како што одбија и беа против сите важни процеси во државата. Но, сепак, ја повикувам на отвореност и политичка одговорност и ги повикувам сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварувањето на стратешките цели на државата. Заедно ги донесовме одлуките, заедно да ги донесеме одлуките и заедно да ја обезбедиме европската иднина“, рече Ковачевски.

Продолжувањето на европскиот пат, според Ковачевски, е историска шанса која, како што рече, не е сигурен дека ќе ја добиеме повторно и која треба да се искористи сега и веднаш.

„Ние поминавме 11 години во барање на алтернативни начини за развој на државата и приклучување кон евроатланските интеграции. Тие 11 години на владеење на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека државата единствено заврши во ќор сокак и во изолација. Сега кога државата веќе има донесено низа  тешки одлуки, благодарение на оваа влада, кога е членка на НАТО, кога претседава со ОБСЕ, кога сме земја признаена од целата меѓународна заедница како земја фактор на стабилност на Балканот, која од земја корисник на мировни мисии, стана земја во која што се водат мировни преговорим шансата мора да ја искористиме“, порача Ковачевски.  

Ковачевски е дециден дека не размислува  да поднесе оставка и покрај тоа што рокот за уставните измени е до ноември. Забележа дека Владата има ингеренции за управување со државата, а за уставните измени е потребно двотретинско мнозинство.

„Тоа е обврска не само на Владата, туку и на сите политичко – општествени чинители во државата. Тоа е обврска на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните, бидејќи нашите граѓани сакаат и заслужуваат европска индина. Ние овде во детали разговараме што значи и членство во ЕУ“, рече Ковачевски по средбата со лидерите на владината коалиција.

Посочи дека Романија, Чешка, Словачка по влегувањето во ЕУ имаат забрзан развој и повисок животен стандард, а како што вели Ковачевски, тоа е резултат на тоа што овие земји се членки на Унијата.

„Ние сме имале поголем стандард од нив, кога сме биле дел од Југославија, а тие кога биле дел од Варшавскиот договор. Втора работа е тоа што земја членка од фондовите на ЕУ добива 11 пати повеќе финансиски средства по глава на жител од земја кандидат и сето тоа се аргументи, коишто одат во прилог на зачленувањето на државата во ЕУ и тој процес не може да биде заложник на ничии интереси за дневно политичка потреба“, подвлече Ковачевски.

Тој вели заради тоа мандатот на Владата не е поврзан со гласањето на уставните измени, туку како што рече, оваа Влада ќе покаже дека има парламентарно мнозинство кое е проевропско.

„Јас се надевам дека опозицијата на крајот ќе донесе одлука со која ќе се приклучи кон европскиот блок, бидејќи обврска е и на опозицијата да носи одлуки кои се од интерес на граѓаните, а врвен интерес на граѓаните е влегување во Европската унија. Патот кон ЕУ значи реформи, значи унапредување на сите системи и  области во општеството“, вели премиерот Ковачевски.

Посочи дека изминатите 11 години земјава ниту имаше зголемен Бруто домашен производ (БДП), ниту пак развој на економијата.

„Ние денес со влегувањето во НАТО имаме зголемен број на странски инвестиции, зголемен број на работници коишто работат во странски компании. Тие работници, преку тие работни места ги плаќаат платите на вработените во јавниот сектор, преку плаќањето на даноците“, рече Ковачевски.

Порача дека ова се аргументи зошто државата треба да стане членка на ЕУ, а заштитени се јазикот и идентитетот, а  сега ни останува исполнување на одлуките  кои се однесуваат на обврски од преговарачката рамка.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ