„Оваа интерпелација е резултат на хаосот кој што се случува во Собранието, а е по директива на Џафери и како резултат на сѐ почестото кршење на Деловникот, како и самоволието кое што го спроведува Џафери во законодавниот дом, со што сериозно го загрозува угледот на оваа институција.
Во досегашната работа, односно неработа на Талат Џафери, како претседател на Собранието, како никогаш досега не се случувале скандали и понижувања на пратениците само заради тоа што очигледно Џафери дефинитивно не сака или не знае капацитетно да води една демократска институција“, рече Мицевски на прес-конференција.
Тој ги повика сите пратеници да се приклучат на интерпелацијата и, како што кажа, „заедно сите да ставиме крај на овој човек кој што си ја има присвоено оваа функција и се однесува како да има право да навредува, да пцуе, да омаловажува и да заклучува пратеници“.
„Апелираме до пратениците од СДСМ и мнозинството дека сега е моментот, кога треба да се стават настрана партиските договори и да застанат во одбрана на, пред сѐ човековите права, а потоа и во одбрана на Собранието на Република Македонија. Во спротивно, доколку не ја поддржат оваа интерпелација ќе покажат дека, не само што го оправдуваат ваквото однесување на Џафери туку и дека се дел од него.
Му порачуваме на Талат Џафери да ја стави оваа интерпелација на пленарна седница, а не како предходната да ја крие во фиока и доколку смета дека работи одговорно да даде аргументи пред целата јавност, а доколку повторно избега и не ја стави на седница ќе даде до знаење нема ни грам одговорност кон функцијата што ја извршува“, додаде Мицевски.