„Со гордост ја споделуваме веста за завршување на експресниот пат Страцин – Крива Паланка. Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 година“, се вели во писмената изјава на поранешниот министер за транспорт и актуелен пратеник на СДСМ Благој Бочварски.
„Станува збор за стратешки проект, стратешка инвестиција која е многу важна за развојот на североисточниот регион и значително ќе придонесе за подобрување на поврзаноста, за економскиот раст и развој, како и за квалитетот на живот на граѓаните на Крива Паланка и околината.
Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година.
За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО- ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат.
Но, како и да е, денес зборуваме за завршен патен правец и граѓаните од утре ќе може да ги почувствуваат придобивките за стратешките проекти започнати во време на владата на СДСМ“м соопшти Бочварски.
На оваа негова изјава реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Љупчо Николовски и Благој Бочварски лицемерно честитаа за пуштањето на патот Страцин – Паланка. Господата од СДС, изминативе седум години, не успеаа да го завршат експресниот пат Страцин-Паланка, па мораше ВМРО-ДПМНЕ експресно за само 6 месеци да го пушти во употреба.
Доколку Николовски и Бочварски, се занимаваа повеќе за проектите, наместо за давање тендери на фирми блиски до Заев, патот досега веќе ќе беше готов. Знаеме дека минатата власт на СДС и ДУИ, дека освен тендерчиња и партиски вработувања, немаа ниту еден проект од областа на инфраструктурата.
Од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, патот Страцин-Паланка е пуштен во употреба. Прилеп-Градско е готов, а Кичево – Охрид се работи во полна пареа. Видлива е разликата помеѓу власта на ВМРО-ДПМНЕ и онаа на СДС и ДУИ.
Времето на матни тендери и партиски вработувања заврши, квалитетот и квантитетот сега се на виделина“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.