Како што рече Костова на прес конференцијата, очигледно е дека за новогодишните празници, кошничките на граѓаните ќе останат празни, а полни ќе бидат само касите на трговците.
„Не смееме да дозволиме работниците да бидат оставени на маргините на општеството. Повеќе од кога било е потребно зголемување на минималната плата. Растот на минималната плата не е само економска потреба, туку и морална одговорност на секоја влада. Со ова темпо на раст на трошоците за живот, веќе е созреана потребата од 500 евра минимална плата, за да можат граѓаните да имаат пристоен живот и да ги покријат основните месечни потреби за храна и услуги. Ако Владата и Мицкоски навистина се грижат за граѓаните како што кажуваат, тогаш во 2025 година ќе ја зголемат минималната плата на 500 евра, за да се заштити стандардот на работниците и нивните семејства“, рече Костова.
На ова ѝ вратија од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека СДСМ го покачила ДДВ-то за прехранбени производи, а со новогодишната кошничка за прв пат се опфатени 1.000 производи.
„Инфлацијата во време на владеење на СДС беше двоцифрена, а економијата ја уништија на сметка на фирми блиски до нов кои заработија милиони. За разлика од нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презема конкретни мерки за раздвижување на економијата, странски директни инвестиции, покачување на плати и пензии, и за заштита на стандардот на граѓаните. Со новогодишната кошничка за прв пат се опфатени околу 1.000 производи, кои ќе обезбедат пониски цени на прехранбените производи. Со ефикасните економски мерки преземени од владата реално се намалуваат цените на основните прехранбени производи и заедно со покачените плати и пензии, директно со тоа се штити стандардот на граѓаните“, велат во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.