„Филипче да биде искрен и јавно да се огради и од менторот Заев, кој без трошка срам тврдеше дека Македонците и Бугарите биле ‘с’шт народ’?! Дали сè уште го дели тоа мислење?
Добро е што Венко Филипче, после години громогласен молк и оправдување на политиките на СДС кои директно ја поткопуваа македонската државност, конечно се осмели макар и лажно да направи било каков чекор во одбрана на националните интереси. Меѓутоа, вистинската искреност бара не само зборови, туку и извинување и преземање одговорност за сите предавства на СДС изминативе седум години.
Очекуваме Филипче, во име на СДС, јавно да се извини и за:
– Откажувањето на оваа партија од македонскиот идентитет и јазик преку договорите кои директно ги загрозија македонските национални интереси.
– Врските на СДС со ДУИ, кои резултираа со масовен криминал, корупција и грабеж на државните ресурси.
– Грабежот и богатењето за време на ковид-пандемијата, кога како министер за здравство дозволи огромни злоупотреби на јавните средства, со што се вброи меѓу профитерите кои се богатеа додека народот страдаше.
Филипче треба да покаже искреност и јавно да се огради и од неговиот ментор Зоран Заев, кој среде Скопје, без трошка срам тврдеше дека Македонците и Бугарите биле ‘с’шт народ’ “?!
Дали тој сè уште го дели ова мислење на ‘Фамилијата Заеви’, или можеби конечно тој решил да се оддалечи од овие разорни предавнички политики?
Народот нема да заборави и дека токму СДС и Венко Филипче беа главните вазали на ДУИ, кои заедно ја уништуваа иднината на Македонија. Колку и да се обидуваат да ги променат своите лица пред јавноста, македонскиот народ е свесен за нивните лаги и предавства.
Време е за нова страница во македонската политика, страница каде ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги брани македонските интереси, достоинството и иднината на сите граѓани“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во објава на Фејсбук ги осуди иредентистичките изјави на претседателот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов и бара реакција од Софија и осуда од страна на Европската унија.
„Најостро ги осудувам иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Република Северна Македонија и го негира посебниот македонски етнички идентитет. Негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет и историја претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската Унија“, наведува Филипче.
Тој повикува и очекува официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои, според него, се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.
„Ја повикувам Европската Унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности, и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ“, потенцира претседателот на СДСМ, Филипче.
Претседателот на СДСМ очекува македонската влада итно да соопшти конкретни мерки за спречување на ваквите иредентистички изјави и активности и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.
„Секој обид за негирање на македонската посебност е неприфатлив и директно спротивен на европските вредности за почитување на различностите“, потенцира Филипче.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, денеска ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал, и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.