„СДСМ нема право да зборува за здравството. Во текот на нивните седум години власт, здравствениот систем беше исполнет со скандали, кои граѓаните ги плаќаа со своите животи. Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, го доведе здравството до колапс и профитираше на секој можен начин, оставајќи зад себе руиниран систем во кој пациентите умираа по ходниците,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ги истакнуваат, како што велат, најголемите скандали од времето на владеењето на СДСМ, меѓу кои го посочуваат случајот со Онкологија, каде најранливите категории пациенти биле оставени без соодветна грижа.
„СДСМ ја претворија Детската кардиохирургија во руиниран проект, дозволија изградба на модуларни болници без стандарди, а во трагичниот настан со пожарот во болницата ги обвинија техничките пропусти,“ додаваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека за време на пандемијата, здравствениот систем бил преоптоварен со неефикасни протоколи и сомнителни договори за вакцини, што ја претворило Македонија во земја со највисока стапка на смртност од коронавирусот.
„Филипче, како сегашен лидер на СДСМ, ја симболизира неказнивоста за катастрофалните пропусти во здравството. Наместо да понесе одговорност, тој остана на врвот на партијата, додека здравствениот систем стана поле за корупција,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ја истакна својата заложба за враќање на довербата во здравството преку транспарентност и отчетност.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ активно работи на подобрување на условите за здравствените работници и зајакнување на здравствениот систем. Секој што го злоупотребил здравството ќе биде ставен под лупа на законот. Време е за темелна ревизија и правна одговорност,“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.