вторник, 24 декември 2024

Властите на Филипините наредија евакуација на населението поради претстојниот тајфун

Властите на Филипините наредија евакуација на населението, складирање на храна и активирање на војската во состојба на готовност поради тајфунот Јинсинг, додека бурата се движи кон североисточните градови што може да ги загрози во текот на неделата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Центарот на тајфунот, со ветрови од 120 километри на час, се проценува на 590 километри од источниот град Балер во провинцијата Аурора, соопшти државната метеоролошка агенција, пренесе Ројтерс.

Локалните власти го повикаа населението од оддалечените населби да се евакуира предвреме, бидејќи постои можност спасувачите да не можат да стигнат до нив за време на налетот на бурата, наведува агенцијата.

„Различни владини оддели ги здружија напорите за издавање рани предупредувања, планирање и позиционирање на потребните стоки и услуги“, рече министерот за одбрана Жилберто Теодоро.

Се складира храна, војниците се во готовност за да помогнат во спасувачките напори, а од браните навремено се испушта вода за да се спречат поплави, додаваат официјални лица.

Бурата би можела да го погоди копното помеѓу четвртокот навечер и петокот наутро во близина на северната провинција Кагајан, носејќи обилен дожд во градовите на својот пат, изјави претставник на метеоролошката агенција. Околу 24 милиони луѓе би можеле да бидат директно погодени од тајфунот, соопштија филипинските власти.

Ова е трета бура за помалку од еден месец што им се заканува на Филипините, откако бурата Трами и супертајфунот Конг-реј го погодија централниот остров Лузон во последните неколку недели, при што загинаа 151 лице, а 21 се водат како исчезнати, според податоците на цивилната одбрана.

Околу 20 тропски бури во просек ги погодуваат Филипините секоја година, носејќи поројни дождови, силни ветришта и смртоносни лизгања на земјиштето, наведува агенцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ