сабота, 2 ноември 2024

Власта е против, опозицијата е за формирање Агенција за борба против тешки облици на криминал и корупција

Објавено на

часот

Сподели

Во собраниската Комисија за политички систем денеска започна расправата за предлог-закон за Агенција за борба против тешки облици на висок криминал и корупција во прво читање, предложен од пратеникот Павле Трајанов.

Образложувајќи ја идејата за формирање на агенцијата, Трајанов рече дека нејзина цел би била искоренување на тешки облици на криминал и корупција. Според него, криминалот е застапен во сите пори на општеството, а Македонија и натаму се криминализира што негативно делува и ја јаде државата. Тоа, вели Трајанов, ќе го загрози опстојувањето на државата.

Трајанов го предлага формирањето на агенцијата како системско решение и независно тело со 30 до 50 професионалци и директор со мандат од 7 години, кој би го избирала матичната собраниска комисија и би одговарал пред Управен одбор. Агенцијата би работела на откривање на тешки облици криминал и корупција, дела со штета од 100.000 евра, како и откривање на скриен имот на лица на јавни функции.

„Сегашните институции што се занимаваат со вакви облици на криминал се предводени од партиски кадри“, вели Трајанов.

Тој посочи и на вчерашната изјава на евроамбасадорот Дејвид Гир дека борбата против корупцијата заедно со другите елементи на јакнење на владеењето на правото е во сржта на процесот на проширување на ЕУ и бара посветеност од земјата во целост и дека иако се забележува одреден напредок на ова поле, реформите во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата остануваат разочарувачки.

Трајанов го посочи и фактот дека вакви агенции веќе имаат земји од регионот, додавајќи дека имаме лошо искуство со Специјалното јавно обвинителство, кое, според него, било партизирано од партиите на власт.

Пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ рече дека нема да даде поддршка за формирање на ваква Агенција. Факт е дека имаме проблем со корупцијата, смета таа, но нејзината дилема е што нема дефиниции за тоа што е облик на тежок криминал и корупција, што ќе биде со делата чија штета ќе биде 99.999 и како ќе се проценува тоа и како ќе се одредува кои коруптивни дела поттикнуваат економска нестабилност во земјата.

Според неа, најголемиот проблем за корупцијата кај нас е во правосудството.

„Слаба точка се судовите“, рече Калеска Ванчева.

Овој закон, според неа, е во колизија со јавното обвинителство. Дел од надлежностите на оваа агенција, рече пратеничката, веќе ги извршуваат други институции.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека тие ќе дадат поддршка на законското решение како можност да се продискутира за оваа состојба.

Тој, исто така, предложи и одржување на надзорна расправа за спроведување на Стратегијата за борба против корупцијата чија реализација, според него, е само 10 отсто. Прашање е, рече Мицевски кога ќе се одржи оваа расправа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ