Пратениците од опозициската СДСМ на почетокот на седницата најавија дека нема да учествуваат во расправата по интерпелациите бидејќи, според нив, нема потреба од нови поделби по етничка основа.
Координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски на прес-конференција во Собранието рече дека причините за интерпелациите не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани во етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер.
„Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мета за поттикнување на било какви меѓуетнички тензии и отворање на можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелации не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работа на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи и факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употреба на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставува директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност, достоинството на Македонците и исто така и друг настан кој што се случува во смисла на сквернавење на други симболи, не одат во прилог на градење на меѓуетничките односи. Постапувањето на институциите и преземање на сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие пред се непромислени и штетни дејствија не можат да бидат предмет на политичка интерпелација. Постојат закони и ако тие закони се прекршени, тогаш мора да се постапува и мора да носат одговорност“, рече Спасовски.
Интерпелациите за четворицата владини функционери не беа поддржани ниту од владејачкото мнозинство.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија не ги поддржаа интерпелациите на четворицата членови на Владата. Ја повикаа ДУИ да се надмине себе си, да ги тргне интерпелациите на страна и да ги поддржи мерките на Владата за подобар животен стандард на сите граѓани и да дејствува како опозиција со соодветни, конструктивни политики.
„Тоа што беше порано веќе не постои, сега сите сме еднакви пред законите. На земјава не и требаат бесмислени дискусии, туку стабилнот, подобар стандард, просперитет, подобро здравство и образование. Приклучете се на промените како опозиција и делувајте со соодветно оружје. Интерпелациите нема да ги поддржиме, поддржуваме единствено политики за развој на сите, за подобро утре на сите“, подвлече Љупчо Пренџов од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Европскиот фронт, кој ги поднесе четирите интерпелации, побараа политичка одговорност и оставка од вицепремиерот Изет Меџити, а како причини за неговата интерпелација ги наведоа случајот од 28 ноември со палењето на државното знаме, Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората и Законот за јазиците.
Меџити оцени дека интерпелацијата не е поврзана со него, ниту со албанскиот јазик, балансерот или правичната застапеност, туку со желбата на ДУИ да се врати на власт. Тој ѝ порача на партијата да се реформира и да престане со „агресивноста, ароганцијата и подигнувањето на меѓуетничките тензии кои ги практикува изминатите шест месеци, откако е во опозиција“.
За вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ рекоа дека е неспособен при менаџирањето на меѓуетничката состојба и дека место да биде гаранција за хармонија и стабилност, се претворил во симбол на неспособност и отсуство на волја да се почитуваат основните принципи на правото.
Вицепремиерот Стоилковиќ рече дека неговата интерпелација му е нејасна, а исто така и на медиумите и македонската јавност.
„Суштината на мојата интерпелација се затскриваше зад приказната како тоа Србин може да биде министер во македонската Влада. Како местата за министри да се резервирани само за ДУИ или за некој друг. Лутањето во врска со интерпелацијата и моето вклучување во настаните од 28 ноември кога се одбележуваше албанското знаме е само една маркетинг приказна за да ги внесе Србите во таа приказна, ни криви ни должни преку мене“, рече Стоилковиќ.
Според него, ДУИ глумела жртва подолг период и додаде оти глумат и сега за да предизвикаат емотивна врска со нивни гласачи зошто оваа година не очекуваат локални избори. Според него, ДУИ креираат виртуелна реалност, креираат опасности и проблеми за потоа да ги решаваат. Тој рече дека се залага за еднаков третман на сите етнички заедници во земјата, праша каде е доказот за тоа дека не го почитувал албанскиот јазик. Посочи дека ресорното министерство беспрекорно функционира, сите доаѓаат на работа, се работи, иако, како што рече, најголем дел од вработените се Албанци и од ДУИ. Порача место да се шири омраза и нестабилност, да се преиспитаат ДУИ.
Интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја темелеа на селективно дејствување врз етничка основа за случувањата на 28 ноември, негарантирање еднаквост и безбедност за сите граѓани, неспособност за праведност и реторика која ја продлабочува етничката поделба….
Во одговорот на интерпелацијата поднесена против него, која најмногу се базираше на случувањата од 28 ноември 2024 година, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше дека ќе одговара секој што ќе запали државно или знаме на која било етничка заедница.
„Заврши времето од порано, ова е време кога законот важи еднакво за сите и без оглед кој на која етничка припадност припаѓа ќе одговара ако згреши, а ако имаме докази, ќе биде спроведен каде што му е местото. Тоа не е закана. Во врска со 28 ноември, Македонецот кој го запали албанското знаме истиот ден беше спроведен пред надлежен орган, а следниот ден беше во притвор, а во притвор завршија и тројцата Албанци кои го запалија македонското знаме“, порача Тошковски од собраниската говорница.
Тој информира дека откако е министер за внатрешни во земјава е намален бројот на убиствата и криминалот, за 17,8 е намален бројот на жртви од убиства, а за 35 проценти е намален и бројот на кражби.
Од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени побараа одговорност и оставка зашто, како што рекоа, покажал неспособност да ја извршува функцијата, не успеал да ја зачува безбедноста и придонел за поттикнување на меѓуетничките тензии.
Исени оцени дека интерпелацијата не кореспондира со реалноста и претставува обид за дефокусирање на јавноста од злоупотребите на институциите во изминатите две децении.
„Чист сум од секој аспект и горд сум зашто никогаш не сум бил инволвиран во ниту една коруптивна афера. Немам криминално досие и не сум искористил класифицирани информации за криминални групи. За вас унапредувањето на Албанците никогаш не било приоритет, приоритет ви биле отворањето казина, лотарии и игри на среќа за да создадете богатство. Интерпелацијата е обид да се покрие минатото на тие што работеа изминатите две децении и ја злоупотребуваа секоја позиција. Каде бевте кога имаше меѓуетнички инциденти, убиства и многу други монтирани случаи кои до денес не се откриени, како ‘Монструм’? Вие кои денес зборувате за праведност, замолчивте за албанските семејства, како во случајот ‘Алфи’. Колку убиства се случија и колку казни изрековте, а зборувате за правда? Вие 22 години не можевте да откриете ниту еден монтиран случај. Во однос на кумановскиот случај, ова е прв пат да има казни за националното знаме“, подвлече Исени.
Интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на Левица поради тоа што, како што образложија, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава. Даути во своето излагање оцени дека интерпелацијата за неа е неоснована.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието преку соопштение појаснија дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.
„Собранието денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, наведоа од Кабинетот на претседателот на Собранието.