петок, 21 јуни 2024

Владика Наум за актуелните прашања околу Томосот: Целта на демонот е раскол во сите цркви

Блаженејшиот наш поглавар г.г. Стефан има најголема одговорност за црквата, заедно со Соборот на епископите – секако, и затоа мора да биде внимателен, понекогаш дури и загрижен, затоа што не сите ѝ мислат добро на едната, света, соборна и апостолска црква, а посебно не на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Јустинијана Прима, и свесно и несвесно. Ова го вели митрополитот струмички г. Наум во интервју за Струмицанет кога одговара на прашаето за изјавата на г.г. Стефан за трите услови на Цариград што треба да ги исполниме за да ни даде конечен Томос за автокефалност.

Објавено на

часот

Сподели

„Секакви луѓе имате во Црква, и кај нас и околу нас, така што тој мора да биде постојано буден. Ние, останатите епископи, можеме да си дозволиме малку повеќе слобода и проактивност, и да ги предвидуваме и изнесуваме јавно сите перспективи што ни се откриваат за конечно решение на нашиот меѓуцрковен статус, но на крај, никогаш нема да бидеме контра поглаварот, туку напротив, ќе ги претпочитаме неговите ставови, дури и ако не се согласуваме со нив – што е реткост, и сѐ заради единството на нашата помесна црква. И секако, треба да дејствуваме согласно одлуките што нашиот Свет синод ги донел досега, така што, на пример, една од нашите клучни одлуки е и дека бараме Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Што значи, со одговорите на вашите прашања не ги изразувам само моите ставови за прашањата што ги обработувам, туку фактичката состојба и некои од постоечките можни исходи на појавените проблеми, согласно разните гледишта – обидувајќи се да ги помирам. Да не забораваме, ние сме епископи на едната, света, соборна и апостолска Црква, и наша главна задача е да се грижиме за нејзиното единство. Со таа грижа покажуваме и зрелост за автокефалност, која ќе биде призната од сите, а не само од две цркви. Исто така, секое заземање на една страна во постоечкиот конфликт меѓу Цариград и Москва би значело губење на нашата скапо самопрогласена автокефалност и наше претопување во едната од двете страни – и губење на сѐ. Всушност, ние и поради тој конфликт бевме прифатени, инаку кој би нѐ признал за што било… Како и да заврши, сѐ се сведува на прашањето дали Бог ни е на прво место или нешто друго, за што секој еден од нас ќе треба да даде одговор уште сега, после е доцна“.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за трите услови за конечен Томос за автокефалност?

– Се спомнува некаков услов во врска со користење на нашето уставно име. Правилно укажува нашиот поглавар дека, ако дојде до барање за промена на нашето уставно име, тоа е невозможно, колку сите да се спокојни. Но, јас не мислам дека Вселенската патријаршија ќе побара промена на нашето уставно име, тоа воопшто не е црковна проблематика – генерално, освен, ако именувањето случајно не задира во нечија друга јурисдикција, ама и за тоа постои договор. Но, треба сите да знаеме дека Вселенската патријаршија, како Мајка црква, која се грижи за сеправославното единство, сите томоси за автокефалност дадени досега од неа ги именува без национален предзнак, на пример: Пеќка патријаршија, Трновска патријаршија, Московска патријаршија, Охридска архиепископија итн., или Православна црква на Грција, Православна црква на Романија, Православна црква на Албанија… со што се истакнува нивното единство, а не Руска, Српска, Бугарска, Македонска или Грчка православна црква – со што се потенцира етничката поделба. Некои цркви си го додале и националниот предзнак потоа, како резултат на разни борби за осамостојување или освојување, но не велат дека е така поради тоа што е тоа само нивна национална црква, бидејќи етнофилетизмот е осуден како ерес од целата православна црква и користењето на името во таков контекст е крајно недозволиво, затоа ваквото именување го правдаат со пастирски причини и го извлекуваат од името на својата држава. Сепак, Вселенската патријаршија, досега, требаше да свика сеправославна конференција на која сите ќе се договоревме имињата со национален предзнак да се користат за интерна употреба – од пастирски причини, додека во меѓусебната комуникација да ги користиме имињата кои го потенцираат единството; за жал, таква средба сѐ уште нема. Колку што се сеќавам, ние уште пред неколку години се договоривме кон грчкиот свет на цркви да го користиме името Охридска архиепископија, а на тоа нѐ упатува и документот што Пеќската патријаршија го нарече Томос за наша автокефалност. Ние сме им многу благодарни за тој документ, иако и тој документ си има свои недостатоци. Но, еднаш напишав дека ние сме автокефална црква согласно нашиот Устав од 1967 година, со свое име, и за нас нема поважен правен акт од тој, додека актите што ги носат другите цркви за нас се само нивен начин да стапат во канонско и евхаристиско единство со нас, тие се израз на нивната љубов кон нас – но не и правно обврзувачки акти за нас, а ние ги прифаќаме само како израз на љубов и нивна желба да стапат во канонска и евхаристиска заедница со нас – инаку, никако не би можеле сериозно да прифатиме, на пример, некој да ни ја признава автокефалноста само под име „Северномакедонска православна црква“, или нашиот свет поглавар како „Северномакедонски архиепископ“, или дека нашиот имот не бил наш и дека ние сме биле „автокефална црква под кирија“. Како и да е, не мислам дека Вселенската патријаршија ќе побара од нас промена на нашето уставно име, а како добра Мајка црква ќе ни даде со Томосот исто колку што дала и на сите останати – ни помалку, ни повеќе, а посебно што пред цел свет ќе ни го потврди и утврди нашето најсвето, најславно и суштинско црковно име – Охридска архиепископија, како и нејзиниот историски континуитет, што ќе биде признато од сите помесни цркви. Знам дека постоеле некакви неофицијални комуникации, дури и една писмена, со Вселенската патријаршија, кои може да укажуваат на некаков поинаков исход, но ова што го мислам може да се провери само во лична комуникација со патријархот Вартоломеј, и луѓето околу него – одговорни за нашиот случај, кога наша црковна делегација за разговори ќе ја посети патријаршијата во Фанар. Ваква е сегашната геополитичка ситуација. Потоа – не знам, обично станува само полошо. Сетете се како поминавме во случајот со државата, или размислете само каков ни е наталитетот и одењето по работа во странство и иселувањето. И на крај, бидејќи очигледно црковните прашања станале и политички, први кои реално ќе се судрат со евентуалниот проблем ќе бидат нашите актуелни влади, но не дај Боже да стигнеме дотаму, тогаш ќе биде доцна да се поправи штетата, затоа е потребна превенција.

Каков е проблемот со нашата дијаспора?

– Што се однесува до нашата дијаспора, тука барем немаме никаков проблем. Колку што јас знам и колку што јас сум бил присутен на разговори на таа тема, од нас се побара само титулите на нашите епископи да не се поклопуваат со титулите на Епископите на Вселенската патријаршија – што не е никаков посебен проблем. Тоа е единствената молба кон нас, особено што и тие и ние знаеме дека имотот на дијаспората е имот на приватни компании или здруженија, и со тој имот единствено самите тие си располагаат и никој друг, па ни ние, како Свет синод. Затоа архиепископот вели дека евентуалното такво барање би било крајно невозможно. Прашањето за црковно-административно регулирање на дијаспората ќе се решава на некој иден Вселенски собор – ако даде Бог.

Како ќе го решите прашањето со Православната црква на Украина?

– Што се однесува до Православната црква на Украина, барањето на Вселенската патријаршија не е да ја признаеме таа црква, туку само да сослужуваме со нејзините епископи, и тоа не сите ние, туку кој од нас сака. И ова прашање не е нерешливо, посебно ако се има предвид дека на овој начин и други цркви го решиле проблемот, а со тоа би можело да се одржи, посредно и непосредно, целото единство на едната, света, соборна и апостолска црква, вклучувајќи ја тука, секако, и Московската патријаршија и нејзините интереси. Со вакво решение никој нема да биде потполно задоволен, ни Цариград – ни Москва, но и никој не би требало да биде и потполно незадоволен, битно е дека севкупното црковно единство ќе се одржи, посредно или непосредно – што е најважно. Заради тоа единство и Москва не сослужува со тие што сослужувале со епископи од Православната црква на Украина, но сослужува со оние епископи кои сослужуваат со епископи кои сослужувале со нив. Кога несослужувањето би било доследно, тогаш Москва не би требало да има заедница ни со тие што сослужувале, ни со тие што сослужуваат со тие што сослужувале. На пример, еден руски епископ нема да сослужува со вселенскиот патријарх Вартоломеј, затоа што тој сослужува со епископи од Православната црква на Украина, но сепак ќе сослужува со нашиот архиепископ г.г. Стефан, кој пак, сослужува со вселенскиот патријарх. Значи, ниту Москва сака потполн раскол, ниту некој друг, ниту некој треба да сака. И не само што сослужуваат сите меѓу себе, туку и се спомнуваат во Светата литургија, што е превосходно заедничарење. Најлесно е да останеме во комфорната позиција и да не преземеме никаква одговорност, но тој пат никогаш не завршува добро. Ние, кои сме непризнати – од повеќето, како автокефална помесна црква, ќе имаме право да ја признаваме автокефалноста на некоја идна помесна црква, но дури откако најпрво и ние добиеме Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Имаме пример и во нашата црковна историја за слични решенија, додека никој не нѐ признаваше како црква и не сослужуваше со нас, еден епископ од Православнта црква на Романија – нѐ примаше и сослужуваше со нас, додека пак, други епископи од други помесни цркви – од Црна Гора и Бугарија, па до Ерусалим и Синај, ни дозволуваа да се причестуваме облечени во епитрахил и омофор, и на тој начин се одржуваше единството на нашата света Црква со останатите Помесни Цркви. Ако сме навистина православни, треба да најдеме начин, посебно што речиси сите ние сме биле во иста или слична ситуација. На еден чисто административен акт – прогласување на автокефалност, православниот одговор никако не смее да биде светотаински – прекинување на заедничкото евхаристиско сослужување, истата грешка ја направија и со нас во 1967 година, сите. Таквиот одговор го покажува големиот пад на христијанството, т.е. неговата поистоветеност со државата и нацијата и нивните интереси, наместо пастирскиот однос кон нив. На административен акт се одговара со административен акт – просто, непризнавање. Замислете само што ќе биде со нас доколку Цариград ни го направи истото што и Москва на Православната црква на Украина, што мислите, кој ќе сослужува тогаш со нас и кој ќе ја признава нашата автокефалност? Дури ни повеќето епископи од тие што и сега сослужуваат со нас, затоа што ќе внимаваат да останат во заедница со Вселенската патријаршија. Секако, за сето ова ќе одлучи Светиот синод. Православното лидерство е повторно на голем испит – ќе падне ли во световните шеми и опасни игри – што ќе значи сеопфатен раскол, или ќе се издигне над нив? Сеопфатен раскол значи внатрешен раскол во сите помесни цркви, и ова е целта на која свесно и несвесно – под дејство на демонот, се работи и одработува. Богочовекот Христос нека нѐ просветли сите и нека ја сочува полнотата на својата црква.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ