сабота, 27 јули 2024
Шестата пленарна сесија на НКЕУ-МК

Владеењето на правото и борбата против корупцијата се сржта на напредокот на Македонија на патот кон ЕУ

Европскиот пат на Македонија во голем дел зависи од спроведување на реформите од областа на правосудството и владеење на правото, кои се клучни за гарантирање на пристапувањето во ЕУ. Корупцијата ја има во сите пори од општеството, а борбата против неа не зависи само од носење нови закони и нивна примена, туку и развивање на свеста на секој поединец, ова се дел од заклучоците на панелистите на Шестата сесија на НКЕУ-МК на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европската иднина“. 

Објавено на

часот

Сподели

Целта на Солунската декларација од 2003 година за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и по 20 години е иста. Наша задача е да обезбедиме континуирани реформи, безбедност, стабилност, владеење на правото, демократија, а наша задача е и, европските вредности да ги пресликаме во нашите општества со што ќе ги подобриме условите за живот, работа и напредок на нашите граѓани“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски чие МВР е носител на Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност.

Неопходно е етичко лидерство во институциите за успешна борба против корупцијата 

Свесни дека за крупни реформи кои нашата земја ја придвижуваат напред, рече Спасовски, потребен е ангажман на сите.

Потсети дека реформите коишто се преземени ја гарантираат стабилноста и безбедноста, како и просперитетот и достоинството на сите наши граѓани и во земјата, меѓутоа и пошироко во Европа.  

Додаде дека не запираат активностите во делот на мигрантите, обезбедување и гарантирање на сите сегменти од аспект на владеењето на правото, елиминирањето на хибридните закани, тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Ние во МВР како носители на Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност на дневна основа се стремиме во вистинска смисла на зборот да ги имплементираме европските вредности преку конкретна реализација во борба со криминалот, а и преку активно учество во креирање на стратешки политики“, заклучи Спасовски.  

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, истакна дека сите препораки од  ЕУ за работата на одредени органи и за борбата против корупцијата се добредојдени.

Во однос на корупцијата, нагласи Мадиќ, мора да се престане со генерализирање на работите, а корупцијата да биде индивидуализирана.

„Корупцијата, да, ја има, но не само во правосудните органи, ја има во многу институции, во многу подлабоки пори, па дури и кај одредени службеници, но борбата против неа не може да биде само со носење нови законски норми и нивна примена, туку и со развивање на свеста кај секој еден граѓанин, кој сака својата држава да ја види напред кон ЕУ“, рече Аврамовска-Мадиќ.

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбр Адеми, кажа дека сега се наоѓаме во тешки времиња кои ја разбудија Европа и ѝ помогнаа да сфати дека ѝ е потребно поголемо единство внатре во неа.

„Како резултат на овие настани се чувствува нова енергија во процесот на проширување на ЕУ и општо во политиката за Западен Балкан. Проширувањето на ЕУ отсекогаш имало меритократски и геополитички аспект и патот на Северна Македонија кон Унијата беше исполнет со исклучително тешки предизвици но никогаш не отсуствувала стратешката јасност околу нашиот првенствен надворешно-политички приоритет,“ рече Адеми.

За борбата против корупцијата неопходно е етичко лидерство во самите институции, мора да се инсистира на на навремени истраги и на правосилни пресуди. Апелирам до сите политички чинители конструктивно да се вклучат во овој процес, истакна претседателот Стево Пендаровски. 

Тој потсети дека неодама и Извештајот на ЕК констатира дека нема напредок на полето на владеењето на правото, а онаму, истакна Пендаровски, каде што не владее правото – владеат парите.  

„Евидентно е, кај нас прилично фреквентно се говори со јазикот на корупцијата. Според истражувањето на МЦМС барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување овој јазик го зборуваат дури четвртина од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијанија. Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали навидум занемарливи суми, меѓутоа корупцијата е корупција независно дали станува збор за 500 денари или за 500 илјади денари“, рече Пендаровски.

Тој оцени дека за жал, многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат јазикот на корупцијата, а за разлика од нив, оние кои не се дел од тој ланец се честопати дискриминирани бидејќи не можат да ги остварат своите права и да дојдат до оние услуги што им следуваат по закон.

„Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки е кога примената на правото зависи од вештината на толкување на оние кои треба да го имплементираат па често законската терминологија добива различно некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но кои немаат со што ‘да тргуваат’ за да ја откупат својата слобода“, нагласи Пендаровски.  

За оваа загрижувачка состојба, додаде тој, придонесува и нерешителноста на поединци од надлежните институции да поведуваат постапки против оние за кои постојат основи на сомневање, но кои имаат статус на недопирливи во општеството. 

Истакна дека и кога се поведени истрагите и процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а одбраната на овие лица ја користи секоја процедурална алатка за да ги пролонгира судењата и за тоа наоѓа разбирање кај еден дел од судиите.

„За драстично редуцирање на корупцијата мораме да инсистираме не само на истраги, туку и на правосилни пресуди“, заклучи Пендаровски.

Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење Милева Ѓуровска, истакна дека од перспектива на правосудството оваа година беше специфична и турбулентна. 

„Веќе може да се види појасно што навистина се случува во правосудниот систем, надлежен за да обезбеди еднаквост на сите пред законите. Општиот заклучок произлезен од дијалогот е дека нашата демократијата има насушна потреба од ефективна и независна законодавна и судска власт“, рече Ѓуровска. 

Европските дипломати со единствен став за можноста за влез на Македонија во ЕУ

Борбата против корупцијата и владеење на правото се во сржта на напредувањето на Македонија на патот кон Унијата, подвлече евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во обраќање на Шестата пленарна сесија на НКЕУ-МК на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европската иднина“. 

„Над сѐ, тие се клучни за граѓаните. Патувајќи низ државата и среќавајќи се со граѓани гледам колку грижа има поради ова и колку сето тоа влијае на луѓето на секојдневна основа дали е тоа јавна услуга, дали е тоа школо – образование, здравствена услуга, работно место, животна средина или владеење. И отсуството на ефективен и независен систем на владеење на правото злоупотребите ги остава неказнети, правата не се почитувани, нееднаквоста расте, конкуренцијата за иновации застанува и најлошо од сѐ, граѓаните се сѐ поцинични и поотпорни кон институциите и не гледаат можност за промена“, нагласи Гир.  

За извештајот на ЕК за напредокот на земјава, кажа дека е „чесен, отворен и фер“.

„За владеењето на правото беше кажано дека нема напредок. Извештајот покажува на условите во врска со контроверзното разрешување на претходниот претседател на Судскиот совет и недостатокот на доверба кај судиите и институциите и повикува да се вложуваат напори за случаите на заплашување на судиите. Оценската мисија оваа недела ги објави препораките и заклучи дека функционирањето на Судскиот совет резултира со проблеми кои се акумулирани од минатото и не се решавани навремено и систематски“, рече Гир.  

Непокривањето на правната рамка и недостигот на добри практики, продолжи Гир, и овие недостатоци, имајќи ја предвид централноста и важноста на Судскиот совет во судскиот систем се проширија исто така и низ самото судство, оневозможувајќи го да ги заврши своите задачи да може да работи како другите гранки од власта и тоа значи дека се намалува целосно и јавната доверба во системот.

-Мисијата исто така нагласи дека имаше успех во реформскиот процес и дека тие нема само да зависат од правните промени, но нивната имплементација треба да биде извршена во добра волја, со целосно почитување на интегритетот, отчетноста и транспарентноста. Накратко кажано правните промени се важни, но тие не се доволни. И извештајот дава 40 препораки покривајќи сеопфатни предлози, давајќи предлози за промена на Судскиот совет“, истакна Гир.  

Во областа на корупцијата, додаде Гир, извештајот за државата укажа дека нема напредок.

„Корупцијата, како што беше кажано, останува главна и огромна грижа и видовме дека има одложувања на судењата за висока корупција и резултираат со истекување на случаите, застарување на случаите во судот. Слични грижи беа искажани исто така поради промените на Кривичниот законик за којшто сметаме дека е зголемен ризикот од неказнивост. Очекуваме и верувам дека секој граѓанин на оваа земја треба да бара новата ДКСК да биде формирана на исто ниво како и претходната, ако не и повеќе. Очекуваме од секој член да работи со дигнитет, со интегритет и пред сѐ со посветеност затоа што вие им го должите тоа на вашите граѓани“, апелира Гир.  

Во однос на Националната конвенција, Гир рече дека таа дава додадена вредност во целокупниот процес на евроинтегрирање.

Амбасадорот на Словачка во земјава Хенрик Маркуш рече дека за Словачка, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е приоритет и тоа, како што рече, е главната причина за нивна поддршка на Националната конвенција, бидејќи таа ги собира сите чинители во општеството.

„ЕУ сега излегува со нови вагони, големи планови со 14 милијарди евра, нови ИПА фондови, кои одат во правец на засилување на членството. Сведоци сме на нов моментум во геополитиката и сметам дека овој воз ќе биде последниот што ќе дојде за Северна Македонија и за регионот“, рече Маркуш.

Тој го цитираше поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, според кој, „времето е вистинско, а изборот е јасен“, додавајќи да не се бараат повеќе изговори кои ќе бидат перфектно јасни.

Пјер Вирџилио Дастоли, претседател на Европското движење во Италија и советник на Европската комисија, кажа дека следните два дена се особено важни, бидејќи ќе се зборува и за проширувањето.

„Ние како европско движење мислиме дека прашањето на проширувањето треба да се разгледува во ситуации каде треба да одговориме на потребите на граѓаните. Во Европското движење мислиме дека треба да ја поддржиме идејата за заеднички пристап и сите земји од ЕУ и кандидатите треба да усвојат заедничка деклараиција, рече Дастоли во обраќањето  на Шестата пленарна сесија на НКЕУ-МК на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европската иднина“. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ