четврток, 24 октомври 2024

ДЗР: Владата со години незаконски крати од парите на судската власт

Континуирано кратење на парите за судската власт спротивно на законот, отсуството на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи, непостоење пропишана форма и содржина за водење на судски депозити и неусогласеност во законската и подзаконската регулатива во дефинирањето на сопственоста на застарените депонирани предмети по истекот на десет години од нивното предавање се само дел од забелешките што Државниот завод за ревизија ги констатирал во најновиот извештај од извршената ревизија на работата на Основниот граѓански суд Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Во 2023 година буџетот за судска власт е утврден во износ 2.690.800.000 денари, што претставува околу 0,3 отсто од бруто домашниот производ и претставува значително помал од законски утврдениот лимит од 0,8 отсто, констатирал Државниот завод за ревизија во најновиот извештај објавен денеска.

„Со Законот за судскиот буџет е уредено дека во случај на ребаланс на буџетот не може да се намалуваат средствата наменети за финансирање на судската власт, но со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите од декември 2023 година, извршено е намалување на одобрениот буџет за судската власт за износ од 89.906.000 денари. Со извршените ревизии во претходни години, како и во тековната година утврдивме дека ваквата законска одредба во континуитет не се исполнува, односно средствата кои се издвојуваат од Буџетот за финансирање на судската власт не го достигнуваат законски утврдениот процент. Со тоа се создава ризик од непречено стабилно и долгорочно финансирање на судската власт, обезбедување на уставната и законски предвидената независност и самостојност на истата, како и забавување на планираните реформи во судската власт“, констаирал ДЗР.

Во денеска објавениот извештај од ДЗР ги обелоденуваат и прашањата кои се однесуваат на судски постапки што се водат пред надлежните судови.

„До денот на ревизијата конечниот исход од истите не е познат, поради што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Основен граѓански суд Скопје во иднина“, велат од ДЗР.

Оттаму уште констатирале дека Основниот граѓански суд Скопје има зголемување на  бројот на нерешени судски предмети од претходната година, новопримени предмети, решени предмети како и останати нерешени предмети на крај на годината.

Основниот Граѓански суд Скопје, до ревизијата не доставил соодветна документација со која ќе се потврди колку пари точно чини зградата во која е сместен судот.

„Имено зградата е доделена со Решение од Министерството за правда од 28 февруари 2000 година во кое е наведена набавната вредност на зградата, но не и во одлуката на Владата од 9 август 2017 година. Според тоа податоците искажани во билансната евиденција за набавната вредност на зградата произлегуваат од решението од 28 февруари 2000 година односно истите се историски податоци, наследени од деловните книги кои се воделе во претходни години. Оваа состојба влијание на реално и објективно прикажување на позицијата градежни објекти во билансот на состојба на 31 декември. Недвижните ствари доделени на трајно користење со одлука на Владата од 9 август 2017 година, а наведени во имотен лист не се усогласени со адресните податоци на кои е сместен Основниот граѓански суд Скопје и со одлука на Владата, на Основниот Граѓански суд Скопје му се даваат на трајно користење без надомест деловни простории со површина од 352,50 метри квадратни во зградата на Македонската телевизија. Иако согласно одлуката е утврден рок од осум дена за примопредање на недвижните ствари, истото не е спроведено, а недвижнините ствари не се внесени во сметководствената евиденција на судот. Отсуството на документација со која ќе се потврди евидентираната набавна вредност на зградата во која е сместен судот,  неевидентирање на доделените деловни простории, не е во согласност со Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници поради што ревизијата не беше во можност да ја потврди реалноста и објективноста на искажаните податоци на позицијата градежни објекти во целост“, се наведува во извештајот на ДЗР.

ДЗР уште констатирал дека не е извршен попис на нематеријалните средства вредни 113 илјади денари кои се однесуваат на сметководствен софтвер кој е целосно амортизиран и не е во употреба како и на дел од средствата со кои располага судот, а кои не се означени со инвентарни броеви.

Во Основен граѓански суд Скопје, во тек се 147 постапки во кои судот се јавува како тужена страна од вработени и тоа судии, а по основ на погрешно пресметан минат труд и основица на плата, судски службеници за додатоци на плата, како  и судската полиција по основ на неисплатени додатоци на плата и барање за бонус плата за период од 2019 до 2023 година, во вкупен износ од 2.922.000 илјади денари. Дел од овие постапки се со правосилна одлука за исплата, за кои до крајот на 2023 година се исплатени 1.598.000 денари, односно постапено е по 56 судски предмети со утужен износ од 974 илјади денари.  Основен граѓански суд Скопје е тужена страна  по основ на надомест на штета, за која има второстепена пресуда на износ од 2.641.000 денари, при што судот е дел од групата на солидарни должници.

„Исто така, истакнуваме дека во тек е судска постапка каде Основниот граѓански суд Скопје е  тужител. Имено, станува збор за  тужба на Основен граѓански суд Скопје и Основен кривичен суд Скопје за нанесена штета на деловните објекти и насилство спрема луѓе. Врз основа на истата се донесени кривични пресуди за солидарни должници во период од 2014 до 2021 година во вкупен износ од 1.742.000 денари, односно за Основен граѓански суд во износ од 1.560.000 денари. Бидејќи станува збор за судски постапки што се водат пред надлежните судови и до денот на ревизијата конечниот исход од истите не е познат, постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Основен граѓански суд Скопје во иднина“, велат од ДЗР.

Ревизијата извршила анализа и на бројот на нерешени предмети од претходни години, ново примени, решени и останати нерешени судски предмети за периодот од 2021 до 2023 година.

„Со анализа на податоците се утврди зголемување на бројот на нерешени судски предмети од претходната година, новопримени предмети, решени предмети како и останати нерешени предмети на крај на годината. На крајот на 2022 година Основниот граѓански суд Скопје ја извршувал судската власт со 57 судии, вклучувајќи го и претседателот на судот и еден судија времено упатен од Основен суд Крива Паланка, што е за 20 помал број на судии од утврдените 77 судиски места, вклучувајќи го и претседателот на судот. Во текот на 2022 година донесени се девет одлуки на Судскиот совет со кои се констатира престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија. Во 2023 година со одлуки на Судскиот совет избрани се 12 судии, од кои 4 се распоредени во Основниот граѓански суд Скопје, со тоа во 2023 судската функција ја извршувале вкупно 55 судии вклучувајќи го и претседателот на судот, и еден судија времено упатен од Основен суд Крива Паланка.

ДЗР уште утврдил дека според Законот за судска служба, предвидено е судските службеници и припадниците на судската полиција задолжително да се оценуваат еднаш годишно, со што би се обезбедило континуирано следење на работењето на судските службеници во текот на целата година и по потреба предлагање на мерки за подобрување. Од страна на министерот за правда овие обрасци се донесени во месец ноември 2014, но истите не се однесуваат и на судската полиција. До денес сѐ уште не е утврдена  формата и содржината на образецот за оценување на судската полиција.

„Со оглед на тоа што во правилникот не е предвидено оценување на категорија А – судски администратор, иако Законот за судска служба го предвидува,  оценувањето на судскиот администратор од страна на претседателот на судот не се спроведува“, констатирал ДЗР.

Во актот за систематизацијата на Основниот граѓански суд Скопје во делот на судската полиција  предвидени се 15 работни места, а пополнети се само 7. Поради недоволен број на вработени во судската полиција, односно непополнети места командир, заменик командир и шест лица судска полиција не постои можност од организирана работа во смени, констатирале од ДЗР.

„Министерството за правда во ноември 2020 година донело обрасци за оценување на судски службеник, но истите не се однесуваат и на судската полиција. Исто така поради неусогласеност на актите со Законот за судска служба, оценувањето на судскиот администратор од страна на претседателот на судот не се спроведува. Поради недоволен број на  вработени во судската полиција во текот на 2023 година, за седум луѓе, исплатени се часови за прекувремена работа со што е надминат предвидениот максимум од 190 часа годишно, односно  исплатени се 318 часа повеќе за прекувремена работа“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Оттаму уште констатирлае дека не е утврден начинот на утврдување на платите на вработените кои вршат технички и помошни работи во судовите.

„Отсуството на  одредби за утврдување на платите на вработените кои вршат технички и помошни работи во судовите предизвикува разноликост во пресметувањето и висината на платите на оваа категорија вработени.  Во Основниот граѓански суд Скопје платата за оваа категорија на вработени е регулирана во склучените договори за вработување, за соодветното работно место.  За надминување на утврдената состојба Судскиот буџетски совет во соработка со надлежното министерство потребно е да преземе активности за иницирање на измени и дополнување на законските и подзаконските акти и утврдување на критериуми за пресметка на платата на лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи.

Заводот уште констатирал и недостатоци во внатрешната контрола, а како причина за тоа ја наведуваат непополнетоста на работните места во одделението за материјално финансиско работење во судот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ