вторник, 21 јануари 2025

Владата размислува за нов државен авион, реактивирање на Македонско село и поевтин аранжман за службените возила

Директорот на Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) во Владата, Ивица Томовски смета дека е потребно да се набави нов државен авион, па и половен, за службени патувања на владините функционери во странство, оти постојниот е стар дваесетина години, има шест седишта и не ги задоволува потребите.

Објавено на

часот

Сподели

„Ако претендираме и сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен воздухоплов, а воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации, често се расипува и поради тоа сметам дека треба да се размислува сериозно за набавка на нов авион. Можеби и половен авион, но не постар од две-три години и по тоа прашање треба да се има еден заеднички консензус опозиција-власт“, изјави директорот Томовски синоќа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Тој се согласува дека владиниот авион „лирџет 60“ не е многу стар, купен e 2005 г. и е редовно одржуван, но, вели многу често се случуваат дефекти.

„Апсолутно се согласувам, обично викаат авионите немаат старост кога се одржуваат редовно, но еве многу често ни се случуваат дефекти. Како што кажав, сега ќе оди на вонреден сервис во Виена, бидејќи од резервоарите протекува гориво, тоа е навистина сериозен проблем. Па, имавме дефект со некои мерни инструменти коишто мерат издувност на гасови, дефект поради којшто компанијата што ни го сервисира не дозволува летање, па претседателот на Собрание беше принуден да се враќа во Македонија со редовни летови и други проблеми коишто произлегуваат од ова одржување“, вели Томовски.

Според него, нов авион би чинел од 30 до 40 милиони евра па нагоре, а опцијата за половен авион би чинела околу 15 милиони евра.

Во однос на можноста за заживување на комплексот „Македонско село“ на Водно, тој најави дека до петок ќе објави оглас за избор на концесионер на комплексот. Томовски рече дека од 2019 година досега комплексот не функционира, а со самото тоа државата изгубила над 20 милиони денари за обезбедување и осигурување на објектот, како и за неплатени кирии.

„Македонско село од 2019-та година до сега не функционира и по основ на тоа што не работи, дел по основ на ненаплатена кирија, дел по основ на обезбедување и осигурување на објектот ние како држава сме изгубиле нешто повеќе од 20 милиони денари“, истакна Томовски.

За информацијата дека претходниот концесионер се жалел оти не може профитабилно да работи, тој рече дека сега има многу заинтересирани да стопанисуваат со комплексот.

„Сум го слушнал тоа, но можам да кажам дека од оној момент кога кажав првпат дека сакам да заживее селото, има премногу заинтересирани. Ако него не му се исплатило, зошто би имало сега повеќе луѓе коишто се заинтересирани да стопанисуваат со тој објект. Практично, тој комплекс има 12 засебни куќарки коишто имаат сместувачки капацитет од 120 до 150 легла, имаме три ресторани, односно два ресторани и една винотека или кафе бар. Сметам дека може да биде профитабилен комплексот и претпоставувам дека затоа е и таква заинтересираноста. Она што ние како држава го правиме во моментов е проценка на тој имот. Нема да го издадеме како јавно-приватно партнерство како што тоа било во минатото – ние да одржуваме дел, а дел економскиот оператор. Практично, му даваме клуч на економскиот оператор со нашата замисла и тој стопанисува комплетно и целосно со тој објект“, вели Томовски.

Според директорот на СОЗР, почетната цена за издавање би била 240 илјади денари (околу четири лијади евра), а во зависност од конкуренцијата таа сума може да порасне, а се планира да се објави во четири лота, по три-четири објекти.

Прашан за тоа на кој начин Владата треба да продолжи да купува возила за потребите на претседателот, премиерот, министрите, директорите и поранешните претседатели, тој смета дека се разгледуваат различни опции. Имено, во последните 12-13 години, владите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ набавувале автомобили преку оперативен лизинг. Тоа значи дека Владата на секои три години добива нови возила за кои се грижи давателот на лизингот. Обврска на државата е само горивото. Негативната страна е што на крајот на тригодишниот период возилото останува во сопственост на давателот на лизингот, а за услугата државата плаќа цена која е близу до цената на ново возило. Наспроти оперативниот, директорот на СОЗР, Томовски, вели дека размислува за финансиски лизинг.

„Ние да учествуваме како држава со дваесет проценти од вкупната вредност на возилата, повторно да ги земеме на лизинг и тоа да дојде како плаќање на рати и во истиот тендер да предвидеме сервис од страна на понудувачот. Јас сум убеден дека ќе има пријавени понудувачи, нема да има само еден понудувач како сега што било случај и мислам дека ќе добиеме пониска цена. Затоа што со тој финансиски лизинг, на крај, после три години тие возила ќе останат во сопственост на државата каде што ние можеме како држава да ги продадеме, па за следната набавка педесет посто да ни бидат поевтини возилата“, вели Томовски.

Тој претпоставува дека и одлуката да се почне со оперативен лизинг била со причина, заради стопирање на злоупотребите со сервисирање, со промена на гуми, со резервни делови во минатото. Но, лично, посочува дека има сомнежи, барем за последниот договор за лизинг за набавка на 45 возила, кој бил склучен од претходната власт, непосредно пред изборите, а тендерската постапка чинела 139 милиони денари или 86 илјади денари по возило месечо.

„Бидејќи ми изгледаше како поприлично скапо ова плаќање на оперативен лизинг, побарав понуди од одредени компании, не би сакал да спомнам кои компании се тука во игра, за исти такви возила и можам да кажам дека сум добил многу, многу пониска цена од таа што е моментално“, вели Томовски.

Наведува дека за евентуална промена од страна на Владата на моделот на купување службени возила за претседателот, премиерот, министрите, директорите и поранешните претседатели, ќе се одлучува во првата половина на 2027 година, со оглед дека набавката се одвива редовно, на циклус од три години, а последниот договор за набавка преку оперативен лизинг е потпишан непосредно пред смената на власта,  и тој не може да го раскине тој договор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ