сабота, 27 јули 2024

Владата преговарала со Бехтел и Енка врз основа на непостоечки прописи

Објавено на

часот

Сподели

Владата преговарала со американската компанија „Бехтел и Енка“ за изградба на 110 километри автопатишта низ Македонија без да знае дали дополнително предложените измени на првично предложените девет па потоа осум закони ќе бидат изгласани од страна на пратениците. Ваков заклучок произлегува од денешната изјава на министерот Благој Бочварски.

„Кога се договараше сумата од 1,3 милијарди евра се предвидуваше дека ќе бидат изгласани измените на законите“, рече не денешната средба со новинарите министерот Бочварски.

За детали од договорот колку повеќе пари ќе чини проектот ако се гради по постоечките закони а не оние што ќе се менуваат не сакаше да каже ниту Дарко Спироски претставник на надзорот “ИРД Инженеринг”.

Првиот вицепремиер Артан Груби пак рече дека со или без законските измени на осумте закони што се во собраниска процедура, автопатите на коридорите 8 и 10д ќе се градат, а во интерес на државата е да се гради побрзо и поевтино.

Што се однесува до спорната одредба од Законот за работни односи дека работната недела на работниците што ќе работат на изградбата на автопатиштата ќе биде 60 часа неделно, како што бара изведувачот Бехтел и Енка, Груби вели дека проектот ќе се реализира за 4,7 години и ќе чини поевтино, а доколку е 40 часа неделно ќе трае над 6 години и ќе чини поскапо. Не се работи, како што истакна Груби, за плаќање пенали доколку работното време не биде 60 часа, туку за побавна реализација на проектот. Тој кажа дека ако треба дополнителен број работници ќе бидат донесени од странство.

„Или ќе биде пократно и поевтино или подолго и поскапо”, рече првиот вицепремиерот Артан Груби прашан што ако предложениете измени на законите не бидат изгласани.  

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ,  Александар Николоски дека „дури и Владата да ги донесе законите за работни часови, ќе плати 53 милиони евра пенали за ништо“ е обична лага и ширење невистини.

„Договорот со Бехтел и Енка е јавно потпишан врз основа на посебен закон, одобрен во Собранието од сите пратеници. Ги има поминато сите законски процедури за склучување. Договорот во над 400 страници ги дефинира условите за изградба на автопатот. Има и измени на неколку закони за обезбедување услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи делници. Намерата е да се изгради модерен автопат за пет години, со сума соодветна за таков проект. Пратениците имаат можност да ги одобрат тие одредби според процедурите. Сите други одредби во законот се согласно специјалниот закон што е донесен“, рече Ковачевски.

Проектот за изградба на 110 километри пат првично е пресметан да чини 1,3 милијарди евра и треба да биде завршен за четири години и седум месеци.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ