среда, 30 октомври 2024

Владата одлучи да ги спои ЦУК и ДЗС за поефикасно справување со кризни ситуации

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на денешната седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи. Владата денеска ја продолжи кризната состојба на целата територија на државата заради состојбата со пожарите, а буџетот на ДЗС за 2024 година е зголемен за 52 милиони денари.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Мицкоски денеска изјави дека е неопходна реформа во системот за менаџирање со кризи.

„Прв чекор што направивме е донесовме одлука ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи“, рече премиерот по денешната посета на започнувањето на градежни активности за доградба на објектот Изворче во детската градинка Срничка во Аеродром.

Тој посочи дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија.

„Ќе седнеме и озбилно ќе се занимаваме со оваа тема за в година ова да не ни се случи“, рече премиерот Мицкоски.

Информираше дека на владината седница одобриле повеќе пари за ЦУК и ДЗС кои се потребни за справување со пожарите.

Премиерот се осврна и на ситуацијата со пожарите при што посочи дека се соочиле со состојба да немаат летала да се справуваат со огнената стихија, додека, во меѓувреме, и пилотите се во пензија.

„Немавме летала за да се справуваме со пожарите со кои што почнаа на 10 јули, освен тоа, пилотите беа во пензија. Армиските полициски хеликоптери беа на сервис. Практично, ние голораки, заедно со пожарникарите, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, со доброволците се бориме дневно со повеќе од 40 огнени стихии, секој ден, на целата територија на државава“, рече тој, заблагодарувајќи им се на сите кои што учествуваат во гаснењето на пожарите.

Владата денеска ја продолжи кризната состојба на целата територија на државата заради состојбата со пожарите, а буџетот на ДЗС за 2024 година е зголемен за 52 милиони денари за подмирување на трошоците за гаснење на пожарите. Од овие пари 41 милион денари се за ДЗС, додека 10,5 милиони се за покривање на трошоците за сместување, храна и транспорт за персоналот при престојот во државава на странската помош за справување со пожарите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ