петок, 20 септември 2024

Владата одлучи 73 производи да бидат дел од есенската кошничка

Ориз, брашно, тестенини, масло, млеко, јогурт, млечни производи, зеленчук, овошје, се на листата од 73 производи во таканаречената есенска потрошувачка кошница. За нив маржата ќе биде ограничена на 10 проценти, а во маркетите ќе бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, одлучи денеска Владата, на предлог на Министерството за економија и труд.

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката на Владата за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи  ќе стапи во сила по објавувањето на одлуката во Службен весник, а ќе се применува до 31 октомври годинава.

Ресорниот министер  Бесар Дурмиши на прес-конференција рече дека  со стапување во сила на оваа одлука се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалоци да се намалат во просек за околу 10 проценти.

Дурмиши соопшти дека ваквата одлука е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индекс на трошоци за живот, кои покажуваат дека споредено август 2024 година, со декември 2023 година, евидентирано е зголемување на трошоците за храна за 4 проценти, од кои најголемо зголемување има кај овошјето од 10,9 проценти, кај млекото, сирењето и јајцата од 6,6 проценти, кај зеленчукот од 3,9 проценти, кај месото од 3,6 проценти, и  кај лебот и жита од 2 проценти. За истиот период, трошоците за безалкохолни пијалоци се зголемени за 9,4 проценти, од кои кај минерлната вода, безалкохолните пијалоци, соковите од овошје и зеленчук зголемувањето е од 11,1 процент, додека кај кафето, чајот и какаото зголемувањето е од 7,7 проценти.

„Согласно податоците, во консултација со работната група која беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд,  за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат. Нашите проценки се дека со стапување во сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалоци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци“,  рече министерот Дурмиши.

Според Одлуката, трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“ кој е објавен на веб –  страницата на Министерството за економија и труд.

Исто така, посочи Дурмиши, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска  да  ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70 проценти од прибавените количини во август годинава од овие производи на листата.

Мерката есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе се применува како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница со ограничено време на траење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

Во листата на производи спаѓаат, ориз бел во пакување од 900грама до еден килограм, брашно пченично, тип 400 во пакување од еден до два килограми, бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 грама, цел и на парчиња, со исклучок на свежо печен леб во маркетите, печени пекарски производи (ѓеврек обичен, бурек со месо и сирење, баничка со месо и сирење, симит погача и лисната кифла, обична и со сирење), бисквити Петит Бер и бисквити обични од 300 до 500 грама, тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица без и со јајца од 500 грама без додатоци, масло за јадење од сончоглед, во пакување од 1 литар, месо, јунешко и свинско, без коски, од бут или некој друг дел пиле цело и пилешки стек свежи и замрзнати, салама, шункова во пакување од 300 до 800 грама без слајс пакување, чаен колбас, од свинско и говедско месо без додатоци и без слајс пакување), пилешка посебна саламa во пакување од 300 до 800 грама без слајс пакување, паштета од џигер или пилешка без додатоци во пакување од 95 и 100 грама, замрзната риба ослиќ, трајно кравјо млеко освен органско млеко и млеко со додатоци со масленост 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти во пакување од 1 литар, јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8 проценти до 3,2 проценти  во пакување од 1 литар, кисело кравјо млеко обично без додатоци со масленост од 2,8 проценти и 3,2  порценти во пакување од 400 до 500 грама, павлака од кравјо млеко, кисела со масленост од  од 12 проценти до 20 порценти во пакување од 180 до 400 грама, урда, традиционално кравјо и мешано бело сирење без додатоци, традиционален кравји  и мешан кашкавал без додатоци, свежи јајца од кокошка, пакување 1/10, масло ,(путер), индустриски произведен, пакување од 250 грама, маргарин, (обичен), пакуван од 250 грама, јаболка, праски, грозје трпезно, лимони, портокали, банани, исчистени ореви, грав, кромид, компир, морков, спанаќ, зелка, краставици, корнишони, лук, тиквици, боранија, домат, пиперки, карфиол, тиква, модар патлиџан, леќа, магдонос, брокула, праз, зеленчук замрзнат мешавина, пченка, грашок, боранија во фолија од 450 грама, маслинки црни, грашок конзервиран во пакување од 400 грама, ајвар од печени пиперки, тегла до 660 грама, краставички, конзервирани, тегла до 720 грама, печурки маринирани сецкани, тегла до 720 грама, шеќер кристал бел, џем и мармалад, чоколадо млечно обично, во пакување од 100 грама, кечап, мајонез во тегла од 660 грама, зачин (вегета, зачинал и слично), кафе пржено мелено пакувано од 200 грама и сок кашест (матен) овошен од разно овошје во тетрапак од 1 литар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ