За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).
Овој медиумски протокол, како што информираат од владината прес-служба, има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување ЗНМ и ССНМ ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон етички принципи, почитување на личната болка и достоинството, избегнување на сензационализам, објавување на проверени информации како и зачувување на балансот и непристрасноста.
Освен ова, потсетуваат дека Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) во своето соопштение од 18 март за оваа трагедија, исто така ја истакна важноста на етичкото известување. Глобалната повелба за етика на ИФЈ ја подвлекува должноста на новинарите да го почитуваат достоинството на луѓето и да ја стават точноста над брзината при пренесувањето на вестите од овој трагичен настан.
Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе пресс обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.