сабота, 27 јули 2024

Владата не се откажува од барањето таксата за гас да не важи, ЕК вели, Бугарија сама решава за тоа

Нема да се откажеме да бараме ослободување на капацитетите за гас и да бараме таксата да не важи затоа што е неправедно наметната и нема ништо заедничко со пазарните принципи и со директивите на Европската унија. Ако треба тоа ќе го направиме и пред меѓународните судови, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако Бугарија одлучи да воведе такса за транспорт на рускиот гас преку нејзина територија.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случи доколку Бугарија не ги прошири капацитетите за да може да се набават поголеми количини гас и од други извори, Ковачевски рече дека со министерот за економија Крешник Бектеши реагирале во Европската Комисија (ЕК) дека таксата не треба да биде воведена со оглед на тоа дека целокупниот капацитет на влезната страна кон Македонија е даден од страна на Бугарија на компанијата „Гаспром“. 

„Тоа значи дека ваква такса ќе предизвика зголемување на цената на електрична енергија и затоплување кај нас за 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет за да можеме да набавуваме гас од други извори, што нема да биде руски и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса. Во моменот се водат разговори и на ниво на Европската Унија (ЕУ) и со Бугарија со соодветното министерство за да може ова да биде направено. Минатата година успеавме заедно со ЕУ и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на ‘Гаспром’ и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“, изјави Ковачевски, по настанот по повод Денот на национално осигурување.

Бугарија има право сама да одлучи како ќе ги користи приходите што ќе ги остварува од наплатата на таксата за транзит на увезениот руски гас низ бугарска територија, изјави портпаролот на Европската комисија за климатска акција и енергија Тим Мекфи. 

„Таксите што ги наплаќа Бугарија за транзит на рускиот гас за Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа право на Бугарија е да одлучи каде ќе ги насочи овие приходи“, изјави Мекфи, потсетувајќи дека во 11-те пакет-мерки што ЕУ ги воведе против Русија, во делот на енергетските санкции се предвидени само за нафтата и јагленот, но не и за гасот. 

Бугарија на 13 октомври воведе такса за транзит на рускиот гас низ нејзина територија во висина од 10 евра за мегават час, од која очекува годишен приход од 1,2 до 1,5 милијарди евра, пари кои, како што најави минатата недела бугарскиот премиер Николај Денков, би можеле директно да завршат во Буџетот на ЕУ. 

Воведувањето на таксата предизвика реакции во Србија и Унгарија кои тврдат дека тоа ќе резултира со поскапување на рускиот гас за 20 отсто за крајните корисници, додека Бугарија потенцира дека плаќањето на давачката на е обврска на земјите до кои се дистрибуира енергенсот, туку на добавувачот, руската компанија „Гаспром“.  

Бугарија очекува првите приходи од новата такса да се најдат на нејзината сметка на 14 ноември годинва.

Реакција од „Гаспром“ за новата енергетска такса засега нема и не е познато дали има намера да ја плаќа. Бугарскиот министер за финансии Асен Василев минатата недела изјави дека доколку „Гаспром“ одбие да ја плаќа таксата ќе биде запленети неговите финансиски гаранции на договорите во Бугарија, а може да се соочи и со конфискување на имот во земјата. Бугарскиот претседател Румен Радев поднесе Иницијатива до Уставниот суд на Бугарија со која бара преиспитување на одлуката на Владата за воведување такса за рускиот гас. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ