сабота, 27 јули 2024

Владата не гледа проблем што од денеска дел од производите се продаваат поскапо од веќе поскапеното

Основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните и понатаму ќе се оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ, од 5 отсто, а одлуката на Владата за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, а која стапува на сила од денеска нема да влијае на пораст на крајната цена на основните прехранбени производи, ја смируваат топката од Министерството за финансии (МФ) откако вчера медиумите објавија дека скоро илјада производи од денеска ќе се продаваат поскапо од веќе покачените цени како резултат на социо-економско-енергетската криза. Министерот за економија, Крешник Бектеши гарантира дека покачување на цените на основните производи нема да има, а вицепремиерот, Фатмир Битиќи не гледа голем проблем што 10 до 15 производи ќе се продаваат поскапо од вчера. Одлуката на Владата за гарантирани цени е со важност до 30 ноември годинава.

Објавено на

часот

Сподели

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека граѓаните најмногу реагираат за зголемувањето на ДДВ-то  од 5 на 10 отсто за 10 до 15 прехранбени производи кои од денеска се продаваат со зголемени цени, од вкупно 2.000 групи на производи кои се опфатени со одлуката на Владата и вели дека нема никаков проблем уште на наредната владина седница во вторник да биде направена измена на одлуката за тие производи.

Нема да се илјада туку петнаесет производи односно 358 категории на производи

Не е вистина, вели Битиќи, дека има зголемување на цената за илјада производи и цврсто стојам на ставот дека станува збор за 358 категории на производи. Тој ги повика стопанските комори, но и граѓаните да пратат предлози кои производи да бидат тргнати во предлог-одлуката за изменување на стапката на ДДВ, а кои што се дел од навиките во секојдневната исхрана на граѓаните.

„Дел од нив се опфатени со мерките за намалување на цените и без разлика што има зголемена даночна стапка кај одредени производи ќе останат на истата референтна цена која што спаѓа под одлуката така што нема да биде толкаво покачувањето. Ги поттикнувам сите стопански комори, сите производители, па и граѓаните до соодветните институции да пратат предлози кои производи да бидат тргнати во предлог-одлуката за изменување на стапката на ДДВ и соодветно ќе го направиме тоа“, изјави денеска Битиќи пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на Фајнанс тинк.  

Вицепремиерот Битиќи не гледа голем проблем што „за 10-ина продукти има корекција на цената“, рече Битиќи.

Знам, вели тој, дека граѓаните имаат навики во исхраната, но одредени продукти ако во овој момент сметаме дека треба да бидат оданочени со 10 отсто тогаш оставаме и простор тие да се ревидираат ако се дел од секојдневната исхрана на граѓаните. 

„Навистина не влегуваме во дефинирање што е луксуз, за кого е луксуз. Може да е пропуст во еден момент, може да не е. Од реакциите што ги гледам од вчера граѓаните најчесто реагираат за 10 производи од 2.000 групи на производи коишто се опфатени со одлуката. Затоа сметам дека за 10 производи нема никаков проблем да направиме измена на одлуката“, рече Битиќи.  

Тој посочи дека константно се носат мерки за да се ублажи инфлацијата, која, како што кажа, има тренд на намалување и до крај на годината во делот на храната ќе стигне на ниво од 5 отсто.

Европската Унија повторно „виновна“ за покачувањето на цените

Од Министерството за финансии денска во соопштение испратено до јавноста велат дека направените измени во оданочувањето, а со тоа и корекција на цените на производите се дел од пошироката даночна реформа, која претставува усогласување со европската легислатива, согласно препораките од Европската Унија (ЕУ) и Меѓунродниот монетарен фонд (ММФ) и истатата е за поголема правичност, праведност и заштаита на стандардот на граѓаните. 

Одлуката содржи над 1600 производи, кои со новата одлука ќе продолжат и понатаму да се оданочуваат со најниската даночна стапка од 5 отсто. Тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич,  млеко, павлака, кисело млеко, јогурт, ќефир, сирење, најголем дел од кашкавалот, путер, јајца, природен мед, желудници, зеленчукот и овошјето, урми, смокви, агруми (портокали, лимон, мандарина, грејфрут), брашно од пченица и брашно од жито, пченица, јачмен, рж, ориз, пченка, соја, кикиритки, сончогледово масло, маслиново масло, пченкарно масло, маргарин, колбаси и други конзервирани производи од месо, конзервирани риби – туна, сардина, сардинели, папалини, шеќер, какао во прав, тестенини, леб, бисквити, ајвар, конзервирани кратставици и корнишони, кисела зелка, конзервирани печурки, слатки пиперки, џемови и слатка, ќечап и други сосови од домат, супи, оцет, сол, ореви, костени“, тврдат од Министерството за финансии.

На листата меѓу другото, дополуваат оттаму, се и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација, а истата е дополнета со менструални производи, а додека пак прометот на пелетите за греење останува да се оданочува со 5 отсто.

Од таму листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10 отсто се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза, а дел од производите не се препорачуваат за човековото здравје. На оваа листа меѓу другите се различни производи од лососи, козјо месо, посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционални производи и се од растително потекло и слично. Исто така поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата“, велат од МФ.

Од МФ тврдат дека примената на одлуките на Владата за зголемување на стапката на оданочување на дел од производите нема да влијае на одлуката за замрзнати цени на основните производи, затоа што, според министерството, тие производи се дел од листата со повластена даночна стапка од 5 отсто и кај нив промена нема.

Економија гарантира дека покачување на цените на основните производи нема да има

Министерството за економија целосно стои зад Одлуката за намалување на цените на основните прехранбени производи која беше донесена пред две недели. Најмалку до 30 ноември, до кога е на важност оваа одлука, отстапување од нејзе нема да има. Сите производи кои се опфатени во одлуката за намалување на цените на Министерството за економија ќе останат со даночна стапка од 5 отсто, напиша на својот Фејсбук профил Министерот за економија, Крешник Бектеши.

Во врска со Одлуката на Министерството за финансии за повластена даночна стапка на одредени прехранбени производи, министерот Бектеши напиша дека доколку има грешка во листата таа ќе се корегира.

„Доколку има техничка грешка во листата на производи опфатени со Одлуката на Министерството за финансии за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, тоа ќе биде корегирано на следната седница на Владата. Граѓаните да бидат спокојни.Мерките кои ги носиме за заштита на стандардот на граѓаните даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи можат само дополнително да се намалат, но не и да се зголемат“ напиша министерот Бектеши на својот Фејсбук профил.

Фото: Архива                                                                                                                       Искра Опетческа

 

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ