„Лошо е кога некој ги става децата во политичка битка, како што вие тоа го направивте денеска. Има многу полегитимни начини како политички да се борите, има многу поконретни начини, како тоа да го правите, но вие одлучивте да ги злоупотребувате децата и тоа по мене не ви е добро. Но, во ред тоа е ваша одлука и вие мислите дека така треба да ја водите вашата политичка битка. Што се однесува до извинувањето, јас забележав дека дел од медиумите погрешно го пренесоа извинувањето. Извинувањето беше до граѓаните до двете општини Липково и Арачиново, заради непријатностите предизвикани како резултат на изјавите на неодговорни градоначалници“, вели Мицкоски.
Тој истакна дека што се однесува за работата на Лимани би ја оценил со највисока оцена.
„И вие како Демократска унија за интеграција изминатите години имавте исто такво мислење за господинот Лимани, не знам зошто го променивте тоа мислење. Но, јас како претседател на Владата можам да ви кажам дека сум исклучително задоволен од неговата работа“, одговори Мицкоски.
Што се однесува за прашањето во делот за кривично гонење на министерот Лимани, Мицкоски со одговор „очекував да излезете и од ваша страна да се извините за сите оние бегалци од правдата кои се кадри на ДУИ и како што добивам информации во текот на оваа седница, тој список се проширува“.
Тој истакна дека списокот се проширува со нови, кои овојпат не се бегалци и треба да бидат изведени пред обвинител и судија за да дадат изјави за злоупотребите што ги правеле во АД Лотарија на Македонија.
Пратеничката Хајдари постави прашање и до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, кое се однесуваше за издавањето учебници, односно зошто издавачки куќа од Албанија и Косово немаат право да конкурираат во земјава за подготовка на учебници и буквар.
Јаневска во својот одговор возврати со прашање на пратеничката Хајдари, зошто мисли дека се потребни странски автори во Македонија за албанските деца подобро да го научаат албанскиот јазик.
„Мене тоа не ми е јасно, зошто претпоставував дека меѓу Албанците интелектуалци секако постојат автори, кои можат да пишуваат на албански јазик и тоа да биде соодветно на нивното образование, бидејќи имате професори. Првин имате одделенски, па имате професори во основни и средно образование, многу ги има, па имате професори на универзитети, па имате универзитети на албански јазик. Така, не можев ни да претпоставам дека вие ќе се посомневате во вашите интелектуални потенцијали, кога велам вашите мислам на албански, не ме сфаќајте погрешно. Дополнително, ако станува збор за албански јазик, претпоставувам мислите на Албанија и Косово, кои на ПИСА тестирањето се секогаш позади нас, па отука сметам дека не е само до јазикот, авторот, туку има и бројни други фактори, кои влијаат на стекнувањето на знаењето на учениците“, одговори, Јаневска.
Таа истакна дека во пакетот на Закони за учебници, кое Собранието треба да ги донесе има значајни теми, длабоки реформи, а како пратеници имале шанса во изминатите два месеци да ги прочитат и анализираат, како и да дадат свое мислење. Јаневска ги презентираше и резултатите од анкетата која ја има направено УНИЦЕФ.
„Читање со разбирање, сите деца учат на сопствен мајчин јазик. Деведест проценти од децата Македонци можат да дадат одговор на три буквални прашања, а 80 отсто да дадат одговор на две прашања, кои бараат размислување, 70 деца Албанци можат да дадат одговор на три буквални прашања, 60 да дадат одговор на две прашања, кои бараат размислување, 40 деца Роми можат да дадат одговор на три буквални прашања и на две прашања кои бараат размислување. На ниво на држава четири од десет деца во државата имаат основни математички вештини, препознавање на броеви, собирање, вадење итн“, вели Јаневска.
Таа истакна пет од десет деца од македонска етничка припадност имаат основни математички вештини, три од десет албански деца ги имаат основните математички вештини, а од ромската заедница едно од десет деца. Јаневска истакна дека ова е голем државен пораз за сите политичари, бидејќи децата треба да учат и знаат, а реформите кои ги прави оваа Влада ќе овозможи сите деца да стекнуваат повеќе знаење и вештини.
„Она што сакам да го кажам дека е крајно време е политиката да излезе од образованието. Зошто ако политиката не излезе од образованието, нема да мрднеме нагоре. Напротив ќе одиме надолу, па ќе биде само 10 посто високоинтелектуални деца, на коишто ништо не им пречи во животот за да учат, а тоа е од еден од десет. Значи на цела Македонија ќе се сведеме од еден на десет нешто да познава“, вели Јаневска.
Таа истакна дека пратениците кога ги читаат законите да обрнат внимание на правата на децата, наставниците, организирање на образовниот систем.