вторник, 22 октомври 2024

Владата најави реформи во системот за менаџирање на кризи

Системот за управување со кризи ќе се реформира, одлучи Владата, а тоа ќе се направи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Нешто, кое, според Владата, ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина. Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат, а температурите и натаму се екстремно високи.

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека на седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека е неопходна реформа во системот за менаџирање со кризи.

„Прв чекор што направивме е донесовме одлука да ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи“, изјави вчера премиерот.

Тој дополни дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија, кога, како што рече „ќе седнеме и сериозно ќе се занимаваме со оваа тема за в година ова да не ни се случи“.

Мицкоски информираше дека на владината седница одобриле повеќе средства за ЦУК и ДЗС кои се потребни за справување со пожарите.

Премиерот се осврна и на ситуацијата со пожарите при што посочи дека се соочиле со состојба да немаат летала да се справуваат со огнената стихија, додека, во меѓувреме, и пилотите се во пензија.

„Немавме летала за да се справуваме со пожарите со кои што почнаа на 10 јули, освен тоа, пилотите беа во пензија. Армиските полициски хеликоптери беа на сервис. Практично, ние голораки, заедно со пожарникарите, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, со доброволците се бориме дневно со повеќе од 40 огнени стихии, секој ден, на целата територија на државава“, рече тој, заблагодарувајќи им се на сите кои што учествуваат во гаснењето на пожарите.

Бројот на пожарите не се намалува, апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека бројот на пожарите не се намалува и според досегашното искуство, се очекуваат и нови. Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.

Според неговите информации, во текот на вчерашниот ден на територијата на државата имало 32 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 15 целосно се изгаснати, шест се ставени под контрола, а 11 се активни.

Пожарот што ја одбележа вечерта е кај селото Врбен во Општина Маврово и Ростуше, за кој Ангелов изјави дека се работи за голем шумски пожар во кој гори смрека, сува трева и јела.

„Се развива висока температура, и во овој момент линијата на огнот е околу 500 метри над првите куќи од селото Врбен. Помеѓу пожарот и селото има асфалтиран пат, верувам дека вработените во НП Маврово со поддршка на локалното население, на асфалтираниот пат ќе успеат да го сопрат овој тежок шумски пожар“, изјави тој вчера.

Ангелов информираше дека врз овој пожар во текот на денот вчера дејствувале со пет ер трактори со кои што успеале да го изгасннат едниот крак, а воедно, како што рече, дејствувал и еден голем полициски хеликоптер МИ 171, со големо ведро од два и пол тони, кој што, исто така, значително ја намали линијата на пожарот.

Против пожарите не помага ниту топлотниот бран кој деновиве ја зафати државава. Портокаловото ниво за опасност од високи температури останува активно денеска и утре затоа што под влијание на многу топла воздушна маса од југ, времето ќе биде особено топло и дневната температура наместа ќе надминува 40 степени.

УХМР до крајот на оваа седмица прогнозира сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност, а од четврток локална појава на дожд.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ