Портпаролот на монголската влада кажа за Политико дека не било возможно да се испочитува налогот на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Путин затоа што Монголија увезува 95 отсто од своите нафтени деривати и повеќе од 20 отсто од електричната енергија од Русија.
„Тоа снабдувањето е клучно за обезбедување на нашето постоење и постоењето на нашите луѓе“, кажа портпаролот и додаде дека Монголија секогаш одржувала политика на неутралност во сите свои дипломатски односи.
Тој потсети дека посетата на Путин е во согласност со традицијата шефовите на овие две држави заеднички да ја одбележуваат победата на советските и монголските сили над Јапонија во битката на Халхин Гол во 1939 година.
Европската Унија, Украина и западните организации за човекови права, како Амнести интернешнал, ја повикаа Монголија да постапи во согласност со обврските кои ги имаат сите членки на Меѓународниот кривичен суд.
Портпаролот на украинското министерство за надворешни работи Георгиј Тихи ја нарече одлуката на Монголија да не го уапси Путин „тежок удар за Меѓународниот кривичен суд и системот на меѓународното кривично правосудство“.
За време на посетата, Путин го повика монголскиот претседател Укнагин Курелсук на самитот на БРИКС, кој ќе се одржи во Русија во октомври.