Според договорот, на кој жестоко се спротивставуваат некои екстремно десничарски владини министри, шестнеделниот прекин на огнот треба да стапи на сила утре, кога ќе се случи првата од серијата размена на заложници што ги одржува Хамас за палестинските затвореници во израелските затвори, пренесува Тајмс оф Израел.
Од вкупно 24 министри во владата, осум гласале против договорот. Министрите од партијата Ликуд на Нетанјаху, Дејвид Амсалем и Амичаи Чикли, беа меѓу осумте членови на владата кои гласаа против договорот за прекин на огнот со Хамас, заедно со министрите од екстремно десничарските партии Еврејска моќ и Религиозен ционизам.
Министерот за комуникации Шломо Кархи, исто така од партијата Ликуд, не присуствуваше на седницата. Министри од партијата Еврејска моќ кои се спротивставија на договорот се Итамар Бен Гвир, лидерот на партијата, како и Јицак Васерлауф и Амикај Елијаху.
Против гласаше и лидерот на партијата Религиозен ционизам, министерот за финансии Безалел Смотрич, на кој им се приклучија министрите од неговата партија, Орит Штрок и Офир Софер.
Партијата Еврејска моќ се закани дека ќе ја напушти коалицијата поради договорот, додека партијата Религиозен ционизам очигледно ќе остане во владата и покрај тоа што се противи на договорот откако Нетанјаху постигна договор со Смотрич, според Тајмс оф Израел.
Договорот може да го отвори патот за крај на 15-месечната војна во Појасот Газа. Израел одреди 95 палестински затвореници кои ќе бидат ослободени од израелските затвори во првата фаза од договорот за ослободување заложници, во замена за три жени кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас, објави израелската веб-страница Инет.
Првото ослободување на заложниците е закажано за недела во 16 часот по локално време. Израелскиот воен кабинет во петокот гласаше за одобрување на договорот за ослободување на заложниците и примирје со Хамас постигнат во Доха, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.