Повеќето од мигрантите кои биле принудени да ја напуштат територијата на САД, претходно илегално ја преминале границата со Мексико, се нагласува во извештајот на агенцијата одговорна за гранична контрола и имиграција (ИЦЕ). Третина од нив се обвинети или осудени за „криминални активности“, се објаснува во текстот.
Тие проценки го опфаќаат периодот од почетокот на октомври 2023 година до крајот на септември 2024 година, отрпилика во времето на претседателската кампања. Доналд Трамп тогаш ја стави борбата против илегалната имиграција свој главен фокус.
Тој вети дека ќе ја преземе најголемата операција за депортација во историјата на САД откако ќе се врати во Белата куќа на 20 јануари 2025 година, закана што наиде на критики од невладините организации кои работат на заштита на мигрантите.
Тоа ветување, кое се потпира на неоснованото тврдење дека мигрантите вршат повеќе злосторства од американските граѓани, се покажа популарно кај американскиот електорат. Од друга страна, Трамп не прецизираше како да се спроведе таква политика, а анализите сугерираат дека таквите операции би биле скапи и тешки за спроведување со сегашното ниво на персонал.
Илегалните преминувања на американската граница скокнаа кога демократот Џо Бајден ја презеде функцијата на почетокот на 2021 година, но значително се намалија во изминатата година откако администрацијата ги заостри процедурите за азил.
Околу 11 милиони луѓе биле без документи во Соединетите Држави во 2022 година, според проценките на Истражувачкиот центар Пју. Доналд Трамп и неговите сојузници веруваат дека всушност има многу повеќе.