вторник, 22 октомври 2024
Објавен Ревизорскиот извештај на Основниот Буџет на РМ за 2022 година

Владата кратела пари од правосудството за да додели и до пет пати повеќе за себе

Објавено на

часот

Сподели

Буџетот за 2022 година изнесуваше приближно 182 милијарди денари и во однос на 2021 година е помал за 7 отсто, додека во однос на бараните пари од буџетските корисници е помал за 29 отсто, пишува ДЗР во најновиот Извештај.

Со ребалансот на буџетот од јули 2022 година, како и со две Одлуки за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите од ноември 2022 година, Владата го зголемила Основниот буџет за 2022 година за 8 отсто.

Одобрените буџети не соодветствуваат со реалните потреби

Според ДЗР, во континуитет се известува дека одобрените буџети на буџетските корисници не е во сооднос со реалните потреби за реализација на поставените цели. Иста е состојбата и за 2022 година, односно износот на одобрени пари од Основен буџет (сметка 637) е повисок за 21 отсто во однос на максималните износи на одобрени средства.

„Значително зголемување на одобрени средства за 2022 година има кај Министерството за транспорт и врски, кои во однос на претходната година се зголемени за околу 5 пати, поради воведување на новата владина програма 2М–Инвестиции во патна инфраструктура, за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола) . Исто така зголемување е утврдено и кај Владата, при што одобрениот буџет е за 2,5 пати поголем во однос на планираните максимални износи. Ваквата состојба е резултат на проширување на програмата П1-Мерки за справување со Ковид-19 кризата и други антикризни мерки, во рамките на која опфатени се и мерки за други кризи, кои не биле планирани при подготовката на буџетот, кога максималните износи на расходи биле утврдени на пониско ниво во однос на 2021 година за околу 50 отсто“, констатирале ревизорите од ДЗР.

Планираното зголемување кај приходите е во насока на оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, додека кај планираното зголемување кај расходите во најголем дел е насочено кон реализација на дел од мерките на Владата за надминување на последиците од енергетската криза.

Ревизорите укажуваат дека имајќи го предвид обемот на надлежностите, големината на буџетот, организациона структура, кадровската екипираност на Владата, поставеноста на внатрешните контроли, како и обврската за континуиран мониторинг и контрола над законското користење на доделените пари по основ на владини програми, потребно е „да се преиспита актуелниот начин на буџетирање каде со планирањето во најголем дел реализацијата на парите се врши преку разделот на Влада и да се распределат средствата во буџетите на одделните институции согласно законските надлежности кои ги врши секоја одделно“.

Надвор од законот крателе пари од правосудството

Освен ова ревизроите констатирале дека Владата при распределба на парите наместо да им ги додели законски предвидените средства на судовите и јавните обвинителства таа од нив кратела повеќе од половина од потребниот буџет.

„Исто така констатирано е дека средствата кои се издвојуваат за финансирање на Судската власт во износ од околу 2,3 милијарди денари претставуваат 0,3 отсто од БДП и истите се за 63 отсто помали од законски утврдениот лимит, додека за Јавното обвинителство одобрените средства во износ од околу 643 милиони денари претставуваат 0,21 отсто од средствата на Буџетот за 2022 година, иако согласно Законот за јавното обвинителство висината на средствата за работа треба да изнесуваат најмалку 0,4% од буџетот на државата, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства“, констатирал ДЗР.

Буџетскиот дефицит на ниво на Централен Буџет изнесува 5,1 отсто од БДП и истиот е 0,8 отсто над проектираниот процент од 4,3 отсто, предвиден во Фискалната стратегија за 2022-2024 (со изгледи до 2026 година).

Во однос на 2021 година учеството на буџетскиот дефицит во БДП е намален за 0,3 отсто, што укажува на стабилизација и намалување, но сепак неговото учество во БДП за 2022 година е на повисоко ниво во однос на годините пред здравствено-економската криза и според предвидувањата во фискалната стратегија се очекува истиот преку континуирано намалување во наредните години, во 2026 година да изнесува 2,2 отсто од БДП.

Вкупните приходи и приливи во 2022 година се остварени за 11 отсто помалку во однос на 2021 година, во износ од околу 202 милијарди денари, што во најголем дел се должи на намалувањето на задолжувањето во странство (62 отсто) и домашното задолжување (37 отсто).

Судскиот буџетски совет донесе па ја отповика одлуката за исплата на додатоци

Судскиот буџетски совет (СБС) на 7 јули годинава донесе па една недела подоцна, ја отповика сопствената Одлука за обезбедување пари за исплата на додатоци на плата за месец јуни 2023 година во висина од 15 отсто за судските службеници, вработените во Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Како причина за отповикувањето на оваа одлука, наведуваат ос СБС е тоа што министерството за финаснии не им дава пати за исплата на додатоците на плата на вработените во судската администрација.

МКД.мк веќе пишуваше дека иако судскиот буџет по закон е независен од Буџетот на Република Македонија тој сепак е целосно зависен од Владата.

                                                                                                                               Искра Опетческа

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ