петок, 18 октомври 2024
Во МАНУ научна дебата како до подобра подготовка за влез во ЕУ

Владата ќе го зајакнува образложението на иницијативата за уставни измени со аргументи за преговорите со ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

Треба да се даде уште неколку дена шанса за дијалог со опозицијата пред уставните измени Владата да ги пушти до Собранието, иако е јасно дека тие немаат намера повторно да седна на маса, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Тој  најави дека Владата сака да го дополни и да го зацврсти образложението на иницијативата со дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и за нејзиното значење во процесот на преговори со ЕУ, а потоа да ја достави до Собранието.  

Иницијативата за уставни измени, според него, не е никаде заглавена, и тие се разгледуваат од сите аспекти.

„Не се никаде заглавени знаете тоа е сепак иницијатива за измена на Уставот. Ние ги разгледуваме сите аспекти. Имавме неколку консултативни средби и со самата работна група која што ги работеше. Јас очекувам Владата да процени кога е најдобар момент за да ја пушти иницијативата во Собрание. Сметам дека треба да се даде уште неколку дена шанса за дијалог со опозицијата иако јасно е дека изгледа тие немаат намера повторно да седнат на маса“, рече Маричиќ. 

Нашата врата ќе остане отворена за дијалог, вели тој, и додавајќи дека ќе продолжи можноста за дијалог и кога уставните измени ќе влезат Собранието, затоа што процедурата трае бидејќи од доставувањето на иницијативата до првото гласање има 30 дена.

„Ние рековме дека би сакале во текот на летото да ги испратиме амандманите во Собранието. Крајниот рок за завршување на комплетната процедура знаеме е дека крајот на ноември. Почетниот краен рок би требало да биде летото, значи најдоцна во текот на месец јули да ги испратиме доколку сакаме да стигнеме во ноември со сите рокови“, рече вицепремиерот Маричиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање повтори дека има сѐ уште можност за политички процес којшто сакаат да профункционира и оти апелираат секој ден до опозицијата да се обнови и да продолжи дијалогот.

„Ние имавме јасен став од опозицијата дека тие во принцип не се против внесување на Бугарите во Уставот, но под одредени услови. Ние ги повикуваме да разговараме за условите. За услови коишто се реални и коишто можеме да ги направиме, и тука навистина сме подготвени да бидеме и отворени и великодушни. Не секако за оние услови коишто се нереални, коишто се надвор од моќта на Северна Македонија, на нашите институции и на нашите политички фактори. Така што, се надевам дека ќе преовлада разумот кај опозицијата, ние ќе продолжиме да се обраќаме и до водството на опозицијата и до пратеничката група и до секој пратеник“, рече Маричиќ. 

Дециден е дека никој не врши притисок врз пратениците и тоа што тие разговараат со пратеници од сите партии на различни теми не подразбира притисок.

„Несериозно е да се тврди дека има каков било притисок или пак дека претходно, знаеме дека гласањето било слободно и во 2018 и се повторило повеќе од еднаш. За жал ВМРО-ДПМНЕ ја има таа тенденција да тврди цело време дека некој некого притиска заради тоа што, знаете тоа беше приказната и зошто не можат во Парламент да ја срушат Владата и да предизвикаат вонредни избори па секогаш се вадеа на некаков притисок. Секој пратеник е слободен да одлучува, никој не може да му врши притисок и никогаш не сум вршел притисок на никого, ниту некој врши. Но, должност ни е да разговараме и да ги изнесуваме сите аргументи и да бидеме во дијалог“, истакна Маричиќ, кој учествуваше на конференција за ЕУ во МАНУ.

Академик Владо Камбовски денеска изјави дека прашањето за уставните измени не заслужуваат толкава бура во јавноста, бидејќи со иницијативата за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот „тропаме на отворена врата“. Тие, потенцира академикот, се внесени во Уставот како заедница затоа што во Преамбулата постои генерална клаузула која зборува и за „други народи односно заедници“.

„Јас мислам дека е потребен дијалог во кој треба некои разумни аргументи. Значи не можеме во овој период да се водиме од страсти или стравувања, конкретно во однос на уставните амандмани. Околу едно прашање кое не заслужува да предизвика таква бура, да речам, и чувствата на луѓето. Еве конкретно за тоа прашање, бидејќи тоа е дел од овој период на обврски што треба да остварат. Па ние со тоа, таа иницијатива всушност за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот тропаме на отворена врата, бидејќи тие се внесени во Уставот како заедница затоа што во преамбулата постои генерална клаузула која зборува за други народи, односно заедници. А во посебните одредби што се однесуваат на правата на припадниците на заедницата, постои потполна изедначеност на сите заедници било тие да се признати или не се признати“, истакна академикот Камбовски.

Тој посочи и на меѓународните конвенции кои поаѓаат од ставот дека една заедница, национална, етничка, религиозна…, која и да е, постои со самото свое постоење без оглед дали е призната формално или не е призната во Уставот или во другите акти на државата, бидејќи се работи за права, колективни права…

„Зборот ми е низ еден разумен, трезвен дијалог без политички калкулации, без манипулирање, без непотребен популизам итн… нека се слуша малку мудриот глас на научната јавност и нека се дебатира со аргументи во однос на сите одбрани исклучителни прашања за кои сакаме да дебатираме со аргументи, без некакво политикантство или калкулации што тоа ќе значи за една партија, за друга партија, туку поаѓајќи од еден општ интерес и на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во Република Северна Македонија“, рече академикот Камбовски во изјава за медиумите пред почетокот на Конференција за забрзување на процесот за пристапување во ЕУ во МАНУ.

Продуктивноста и конкурентноста се две области во кои имаме многу сериозни проблеми на патот кон ЕУ и ако земјава утре влезе на заедничкиот пазар, ќе има сериозни пречки, рече денеска академик Таки Фити. Според него, не сме целосно подготвени за влез на европскиот пазар, но тоа е процес, оцени, дури и ако се оди на регионална варијанта. Тој процес не може да се направи веднаш, а и прашање е дали ќе прифатат земјите-членки на ЕУ, како и дали ќе се согласат и другите држави, зашто дел од земјите во регионот веќе ги имаат отворено преговорите и имаат одреден напредок.

Фити потенцира дека земјава е најслаба во доменот на институциите, но и во образовниот систем се детектирани сериозни слабости и тоа на сите нивоа. Како што напомена, во високото образование работите се вратени и се во полоша ситуација отколку во раните транзициски години. Сепак, според Фити, имаме и некои предности, а тоа се макроекономската стабилност и информациско-комуникациските технологии, додека една од посилните страни е и бизнис климата.

Регионалната соработка, укажа професорот, не може да биде алтернатива за ЕУ, но нејзиното интензивирање го забрзува процесот на евроинтегрирање.

„Во однос на продуктивноста и конкурентноста, земјава ќе има сериозни пречки кога утре би влегла на заедничкиот пазар. Во однос на конкурентноста сме на дури 82. место меѓу 141 земја, а кај продуктвноста имаме исклучително лоша ситуација, и според БДП по работник, и според новокреирана додадена вредност по работник и според вкупната факторска продуктивност. Тука заостанувањето е меѓу 2,5 и четири пати во однос на европскиот просек, а да не зборувам во однос на високоразвиените земји и тоа ќе прави проблем. Денес ќе го отвораме тоа прашање, ќе дискутираме за факторите кои влијаат на таквата состојба, како и за можните пристапи како тоа може да се реши“, изјави Фити пред почетокот на научната конференција „Забрзување на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.

Како што оцени професорот, незавидна е и ситуацијата во здравството.

„Земјава има релативна предност во доменот на макроекономската стабилност и тоа со години е така, иако високата инфлација малку го наруши тој процес, но во основа, макроекономската стабилност е една од посилните страни, бизнис климата е исто така една од посилните страни според индикаторите на меѓународните институции и имаме одредена релативна предност во усвојување на информациско-комуникациските технологии. Најслаби сме во доменот на институциите, постои ограничувачки фактор во големината на пазарот, имаме сериозни слабости во системот на образование на сите степени. Кога го гледате високото образование, работите се вратени и се во полоша ситуација отколку во раните транзициски години. КОВИД-кризата ги детктираше сите проблеми поврзани со здравството што е исто така битно, а имаме проблеми и со иновациската политика која е во својот зародиш и треба сериозно да се дополни“, подвлече Фити.

Тој укажа и дека регионалната соработка е многу значајна.

„Отсекогаш сум сметал дека регионалната соработка и трговија е многу значајна работа зашто тука, во рамките на еден регион, земјите имаат компаративни предности. Поради близната на регионот отпаѓаат големи транспортни трошоци и проблеми врзани со слободата на движење на стоки и услуги зашто царините де факто се укинати. Мислам дека тоа не може да биде алтернатива за ЕУ, но отсекогаш интензивирањето на регионалната соработка го забрзува процесот на евроинтегрирање“, потенцира акдемик Таки Фити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ