„Остануваме на ставот дека предложените измени не се во согласнот со Уставот и се во спротивност со Европската конвенција за човекови права како и со принципот на владеење на правото и правната држава“, ни одговорија од Министерството за правда.
На 26 јануари Владата соопшти дека на седницата на 16 јануари едногласно изрази политичка волја до Собранието на Македонија да поднесе предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, кој ќе биде усогласен со македонското законодавство.
Претходно јавноста доби официјална информација дека Министерството за правда беше против овие измени.
„На посочената владина седница, Владата го разгледа предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки и донесе одлука Министерството за надворешни работи како предлагач да го усогласи текстот на предлогот на закон со кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за законодавство и другите надлежни институции“, соопшти Владата на 26 јануари.
Во Собранието овој законски проект ќе го брани Бујар Османи, министер за надворешни работи и м-р Фатмире Исаки, заменик на министерот за надворешни работи, а за повереници Филип Тосевски, државен секретар во Министерството за надворешни работи и Наташа Дескоска, помошник директор во Министерството за надворешни работи.
Пречистениот текст на предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки е веќе доставен до Собранието.
Министерството за правда смета дека воведувањето рестриктивни мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и со суверенитетот на Македонија.
Во мислењето на Министерството за правда се вели дека суштината на Законот за рестриктивни мерки е да овозможи ефективна и ефикасна борба против тероризмот и против финансирањето на тероризмот. Генезата на овој закон е Резолуцијата 1267 на ООН за тогашната настаната ситуација во Авганистан. Согласно со воспоставените меѓународни стандарди, целта на овој закон е зачувување на безбедноста, мирот, демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, а не и борба против корупцијата и криминалот, како што се предлага во измените и дополнувањата содржани во предлог-законот“, се вели во мислењето на Министерството за правда.
Во овој документ, Министерството за правда смета дека оваа проблематиката може да се реши со примена на постоечкиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја.
Министерството за правда упатува на основните принципи на политичкиот систем во една демократска земја, поделба на власта на законодавна, извршна и судска и неповредивост на основните човекови права, гарантирани и со меѓународни конвенции ратификувани од Македонија. Затоа Министерството за правда сугерира да се побара мислење и од Венецијанската комисија и од Европската комисија.
А.Д.