вторник, 22 октомври 2024
23 години од масакрот кај Карпалак

Владата ги заборави хероите кои ја бранеа Македонија, се пожалија роднините на загинатите бранители

Во месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово, денеска беа одбележани 23 години од загинувањето на 10 припадници на резервниот состав на АРМ за време на војната од 2001 година. Конвој од бранителите беше нападнат од страна на терористите од ОНА. Во нападот во кој биле користени ракетни фрлачи и тешки митралези, животот го загубија Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски сите од Прилеп кои со камиони биле упатени кон касарната во Тетово. Роднините на загинатите и годинава ја потсетија Владата дека 23 години никој не прави ништо за нивен достоинствен живот.

Објавено на

часот

Сподели

На одбележувањето на масакрот кој се случи во месноста Карпалак присуствуваа и роднини и пријатели на убиените бранители кои и овој пат упатија остри зборови кон властите и по кој знае кој пат бараа да се подобри нивната социјална положба и да се направи едно достоинствено спомен обележје во чест на 10-те погинати бранители.

„Да и се ‘заблагодарам’ на Владата што ‘води преголема грижа’ за нас и за загинатите. За нив се гледа како се грижат, а за нас живите – уште повеќе. Само недостасува нас да нè прогласат за терористи, да нè осудат затвор и да се ратисаат од нас. Дали личи  да се полага цвеќе на погинати на вакво место? Овде треба да присуствува Врховниот командант, ние сме армија, а тие дошле со заменици. Централната прослава треба од Прилеп овде да се премести. Овде е местото каде треба да чествуваме, а не во Прилеп“, рече прилепчанецот Јордан Трајковски.

Секоја година, кога се одбележува овој трагичен настан, преживеаните бранители и нивните семејства постојано укажуваат на тешката состојба во која се наоѓаат и за големата не грижа која ја покажува државата кон нив.

„Немаме никакви права, не можеме да извадиме еден документ дека сме учесници во одбраната на државата во 2001 година. Ние, а и децата на бранителите кои сега веќе се возрасни луѓе, немаат обезбедено школување, здравствени услуги, а камоли стан. Ова е срамота. Јас немам ништо против Албанците, секоја чест, ама тие кои ја нападнаа Македонија ги имаат сите бенефиции. Ова истото го зборуваме 23 години, но никој не нè слуша, ниту да нè праша како живееме, имаме ли семејства, деца, ви треба ли нешто? Дваесет и три години се бориме за еден споменик и ништо од ова, разочарувањето е огромно“, рече Трајковски.

Местото на погибијата е обележано со една плоча на која се испишани имињата на убиените бранители и таа е поставена на банкината од автопатот. Сите досегашни Влади ветуваа дека на ова место ќе се подигне достоинствен споменик, но досега ништо не е направено од ова.

По 23 години од загинувањето на десетте прилепски бранители делегација од Владата, предводена од Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, делегации од претседателот на државата, АРМ, политички партии и здруженија положија венци и свежо цвеќе, а свештеници од МПЦ одржаа панихида.

„Денес на овој голем ден од поновата македонска историја, на ова место Карпалак, чувствуваме голема тага и болка за десетте загинати прилепски бранители од конвојот кој се упати, токму на овој денешен ден пред 23 години, во одбрана на суверенитетот и интегритетот на Република Македонија кон касарната Тетово. Меѓутоа, на овој ден чувствуваме и восхит, почит и храброст како и дел од преживеаните од тој настан и овие луѓе треба да бидат запишани со златни букви во македонската историја. Од ова место треба да испратиме порака, ова да не се заборави, меѓутоа треба да биде минато и треба сите да живееме зсите во оваа наша заедничка држава Македонија, да градиме една просперитетна, силна, економска држава, европска држава како дел од европското семејство каде што ќе живеат среќни граѓани без оглед на нивната национална, верска, социјална и политичка припадност“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија кој како претставник од Владата присуствуваше на настанот, а воедно е и прилепчанец и бранител во војната во 2001 година.

Тој упати апел до Владата на која припаѓа, а кажа дека и сам ќе се заложи кај Карпалак да има достојно спомен обележје во чест на загинатите прилепски бранители.

На 8. август 2001 година на ова место беа убиени бранителите, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ