среда, 29 мај 2024
Утврдена е потреба од враќање на тарифата

Владата е на потег да каже дали ќе поскапат цени на автомобилското осигурување при регистрација

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност утврди потреба од измени на тарифата за премии за осигурување и подготви предлог-измени со кои се враќа цената на осигурувањето за автоодоговорност на ниво како пред 25 април годинава.

Објавено на

часот

Сподели

Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15 отсто до 30 проценти, во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30 отсто, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година. Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Предлог-одлуката на Комисијата, како што информира Министерството за финансии, е доставена на усвојување до Владата.

Одлуката се заснова на анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето со која се укажува дека на 23 април, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување, доставиле известувања до АСО за донесени одлуки за зголемување на премиите за задолжително осигурување од автоодоговорност, при што се повикале на одредбите од тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ“ број 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н. режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување – член 3 од тарифата.

„Притоа, известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент, на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети“, се појаснува во соопштението.

Ставот на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.

„Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 2 мај 2024 година, со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки“, потенцираат од Министерството за финансии.

Претходно, денеска АСО ја повика Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ