На владина седница ќе се одлучува дали новата учебнатa 2023/2024 година ќе почне на 10 септември, наместо како досега, на 1 септември, вели за Мета министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Ако оваа идеја се озакони, тогаш секоја следна учебна година за основците и средношколците ќе започнува на 10 септември.
„Сè уште не е дојдена како точка за дискусија на дневен ред во Влада. Кога ќе дојде, ќе информираме за одлуката“, рече во куса изјава министерот Шаќири.
Минатата година Шаќири за Мета зборуваше за идејата, учебната година да стартува 10 дена подоцна, што би значело продолжување на истата до 20 јуни.
„За оваа идеја дискутиравме заради тоа што, во некои од нашите земји во регионот како на пример Албанија, Хрватска, учебната година не започнува на 1 септември како кај нас, туку подоцна. Јас би сакал да се помести стартот, размислувам за тоа, иако треба да видиме како ќе се усогласиме со СОНК, синдикатите, како и останатите институции кои се врзани со датуми, на пример, Државниот испитен центар кој е врзан со рокови заради мноштво полагања, меѓу кои и полагањето државна матура. Инаку сметам дека идејата за пролонгирање на учебната година е добра“, кажа министерот лани за Мета.