сабота, 27 јули 2024

Влада со техничка грешкa

Иако политичките партии и лидерите уште минатата година изнесоа став дека на Македонија не ѝ е потребна техничка влада пред избори, сепак ништо не беше преземено да се измени Законот за влада и т.н. пржинска влада да остане во историјата. Измислена во преговoрите во Пржино заради „заробената“ држава, опстана до изборите 2024. Опстана и тој епитет за државата само со променети политички актери кои го користат зборот. Актуелната техничка влада се претвори во партиско препукување главно помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во неа како да се пресликаа нивните интернет страници полни со обвинувања и гнев.

Објавено на

часот

Сподели

Последната бучна размена на „оган“ се случи во рамки на Министерството за труд и социјална политика каде министерската функција ја презеде опозицијата, а власта се пресели на заменичкото место.

„Мојата цел како министер за труд и социјална политика е да обзнанам што се случувало во ресорот кој денес го водам и да не дозволам да се случува вакво изигрување на системот“, рече на прес-конференција техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со тврдење дека се злоупотребени пари за да им се даде социјална помош и социјална пензија на над две илјади лица кои не ги исполнуваат условите, а еден од нив е да не поседуваат возило.

Реагираше техничката заменичка министерка, Јована Тренчевска со тврдење дека Велковски нема капацитет да биде министер.

„Навреди упатени кон вработените е борбата за права на работниците на техничкиот министер. Неинформиран министер не може да води институција која се грижи за ранливите категории на граѓани“, рече Тренчевска демантирајќи дека имало  злоупотреби и упатувајќи го на МВР со кое постои потпишан договор и кое ја има обврската да споделува реални податоци во реално време.

И, тргна лавината реакции за да се прикаже кој е главен и кој знае, а кој не знае да раководи. Од центрите за социјална помош од Гостивар, Валандово, Македонски Брод, Гевгелија и од други места (долга е листата) се испраќаа соопштенија за медиумите во кои директорите изразува негодување кон изјавите на Велковски.

„Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер Велковски. За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред сѐ знаење“, се вели во тие реакции.

„Оркестрирани напади. Сторениот криминал од страна на раководни лица во центрите за социјална работа нема да нѐ поколеба јавноста да ја дознае вистината“, реагираше Велковски преку својот кабинет.

Реплика на репликата пак даде Тренчевска.

А кон крајот на јануари, откако на првата „семејна“ фотографија на новата техничка влада ги немаше избраниците од ВМРО-ДПМНЕ, првиот ден на новиот состав на Илинденска помина во знакот на реакциите на негодувања што премиер е Талат Џафери, воздржаност поради него, и воскликнувања што тој е првиот Албанец во плурална Македонија на чело на извршната власт. Се реагираше зависно од тоа дали се работи за ВМРО ДПМНЕ, СДСМ или ДУИ.

Работата започна. Влада во која има и власт и опозиција, извршна власт во која и опозицијата е власт!

Замина Оливер Спасовски, во неговиот кабинет влезе Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ. Излезе и Митко Бојмацалиев кој беше шеф на кабинетот на Спасовски, но отшета само до друг кабинет зашто стана дополнителен заменик министер. И, „забавата“ започна.

Тошковски на првиот ден амбициозно најави дека ќе се зафати со расчистување на случајот Онкологија. И набрзо го зафати бранот на препукувања на разни теми, а Онкологија остана поназад. Малку е да се каже колку енергија потрошија Тошковски и Бојмацалиев во објаснување на кризата со личните документи со името „северна“ и меѓусебни дообјаснувања.

Тошковски се соочи со суровоста на законската дефинираност на надлежностите, кои во еден политички состав на влада, се чини, можат и различно да се дефинираат.

Па така, врзаниот потпис со Бојмацалиев набрзо му донесе одбивање на седница на Влада на неколку негови именувања на нови шефови и дополнителни шефови на локално полициско ниво.

Најтешко му падна тоа што техничкиот премиер, како што рече Тошковски, го оневозможува да направи кадровска смена во СВР Тетово. Од препукувања со Бојмацалиев, препукувањата се пренасочија на релацијата со Талат Џафери, а поплака Тошковски испрати и до западните амбасадори.

Минатата недела следуваше одбивање на седница на Влада на негови пет одлуки, по што се разменија „стрели“ меѓу правниците Тошковски и Џафери, секој со своето право.

„Одлуката на Владата со која беа поништени пет наредби донесени од моја страна е скандалозна и спротивна на законите. Со таа владина одлука се влијае на работата на министерството на највисоко ниво кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес“, реагираше Тошковски.

„Формално, ако нема врзан потпис, се поништуваат наредбите, потоа ако постапката потврди нешто друго се преземаат соодветни одговори и постапки согласно процедурата. Сега засега се такви процедурите“, возврати кусо Џафери.

Нешто посмирена е состојбата на реалцијата власт опозиција во министерствата за финансии и за информатичко општество и администрација каде министри се Албанци, од ДУИ и Алијанса за Албанците, а дополнителни заменици министри се од ВМРО-ДПМНЕ. За мир во куќа и пред избори веројатно е добро да се има и меѓуетничка толеранција, можеби е тоа некакво упатство добиено од штабовите.

Затоа пак, препукувањата се чести во Министерството за земјоделство каде министер остана Љупчо Николвски, а дополнителниот е Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ. Одат и двајцата во посети на земјоделци и обајцата ветуваат субвенции и владина поддршка, едниот како континуитет, другиот како најава за по 8 мај, едниот обвинува дека се даваат нереални ветувања, другиот дека има партиски вработувања. Чести се меѓусебните реплики преку изјави или соопштенија.

Местото на разговорите и евентуално на репликите или препукувањата треба да се во рамки на самите министерства. Тивко министерство би требало да значи дека нема трзавици. Не секогаш е така се разбира. Но на македонската политичка сцена одамна стана секојдневна пракса јавно да се вадат алиштата и се испраќаат соопштенија и реакции и речиси секојдневно се даваат изјави. Како земјата да е со години непрекинато во изборна кампања.

Кон крајот на минатата година, од сите партии беше посочувано дека техничка влада на земјата не ѝ е потребна затоа што мина многу време од Пржинските преговори. Во времето на Пржино владееше длабока политичка криза, а државата, според бројните оценки, беше заробена. Оценки дека државата повторно стана заробена, доаѓаат од сегашната  опозиција. Сепак, став на сите партии беше дека техничка влада во земја која стана членка на НАТО не е добро да постои бидејќи по дефиниција говори дека политичките состојби не се добри, а државата не е стабилна.

Но, никој не најде сила пред Собранието да предложи измени на Законот за Влада и техничката влада да стане минато. Ниту ДУИ не се обиде да даде таков предлог иако секогаш истакнуваа дека дадоа голем придонес за зачленувањето во НАТО и за стабилизација на државата. Не е тешко да се даде одговор. Да беше укината техничката влада, немаше да биде спроведен договорот со СДСМ за технички премиер по избор на ДУИ, имајќи предвид дека според Законот за влада, премиерот доаѓа на предлог од владејачката партија. Историскиот настан ќе останеше сон. Новиот сон е претседател Албанец избран во Собранието. Но, за тоа можеби некогаш подоцна.

Дали техничката влада функционира како рогови во вреќа или не, и дали е потребно да биде укината по овие избори, одговор за МКД.мк даваат самите партии.

„Можеме со сигурност да кажеме дека министрите и дополнителните заменици министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја извршуваат својата законска должност во рамки на техничката влада за спроведување на фер и демократски избори. Факт е дека власта користи механизми за попречување на таквото работење, но тоа е резултат на нивниот страв од пораз на претстојните избори“, изјави за МКД.мк Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

„За жал, во изминатите два месеца техничките министри и дополнителни министри од редовите на ВМРО ДПМНЕ се покажаа како слаби, некапацитетни кадри и досега не испорачаа никакви резултати во корист на граѓаните. Тие, исто како и градоначалниците од ВМРО ДПМНЕ се потврда дека ВМРО ДПМНЕ не можат да испорачаат никакви резултати. Својата улога во техничката влада, техничките министри и дополнителни министри ја разбираат единствено како можност за користење на партиски поени и се ставени во целосна услуга на партијата од која доаѓаат. Целта на техничката Влада е спроведување фер и демократски избори, а не конструирање манипулации и реваншизами внатре во институциите кои ги предводат“, вели за МКД.мк Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Портпаролката Митева вели дека нема промена во однос на партискиот став дали е потребно и во иднина на 100 дена пред избори владата да преминува во фаза на техничка.

„Апелиравме и претходно и сѐ уште стоиме на ставот дека техничката влада е процес кој треба да се напушти. На граѓаните им се потребни вистински и темелни промени кои ќе го подобрат нивниот животен стандард. Како идна влада ќе останеме силно посветени на реформскиот процес во целост“, рече Митева.

И во СДСМ сметаат дека моделот на техничката Влада е нешто за коешто во иднина може да се размислува и да се разговара за укинување, особено, како што вели Кузеска, ако се земе предвид дека од доаѓањето на СДСМ на власт сите изминати изборни циклуси се одржани во демократска атмосфера и се оценети како фер и демократски.

„Но, дотогаш сите чинители во техничката Влада ја имаат обврската да одговорат на висина на зададената задача, односно да се фокусираат на спроведување кредибилни и демократски избори, без злоупотреба на институциите и без ширење лаги и невистини за партиски бенефит, што всушност е злоупотреба на сите правни аспекти од предизборната и изборната кампања за претстојните претседателски и парламентарни избори“, ни изјави Кузеска.

А, тој што треба да биде и најодоговорен за подготовка на мирни, фер и демократски избори, е техничкиот премиер кој 100 дена треба го раководи овој „мешан“ состав (а можно е и повеќе од 100 дена) чија главна задача, според Договорот од Пржино, е токму создавање на сите предуслови за чисти избори. На истото прашањето на МКД.мк кое беше поставено до двете партии, преку владината прес-служба не добивме одговор од Талат Џафери. Веројатно и не  едноставен можниот одговор. Ќе треба тој да ги посети и источните делови од земјата за да ги согледа состојбите во цела држава и како се спроведуваат и таму владините политики. Од една страна добро е „за историјата“ Џафери да даде позитивна оценка за работата на оваа влада кога ја раководи како прв Албанец и тоа од ДУИ. Од друга страна, изборите ќе бидат најдобрата оценка дали техничката влада ги оправдала основите на Пржино, односно дали биле демократски и фер и дали сите учесници ги признале резултатите од изборите – претседателски и парламентарни.

И потоа, сигурно повторно на дневен ред ќе дојде прашањето дали да се укине или не техничката влада. И дали и тоа прашање ќе биде предмет на преговори во кои можеби ќе има и нов момент – дали да остане или не досегашниот модел на избор на шеф на државата.

 П. Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ