недела, 16 март 2025

Влада: Секој ќе одговара!

На попладневната вонредна владина седница беше заклучено дека секој инволвиран во овој трагичен настан кој придонел за загрозување на човечки живот ќе одговара. Најавена е вонредна инспекција на сите угостителски објекти.

Објавено на

часот

Сподели

Владата денешната седница ја почна со едноминутно молчење со цел да им се оддаде почит на трагично загинатите лица во трагедијата во Кочани.

На денешната вонредна владина седница по трагичниот настан во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа, Владата донесе одлука за прогласување на 7 дневна жалост на територија на целата држава. Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на министерството за огромната несреќа која се случи.

На владината седница се донесе одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на Македонија. За наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата, за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите и ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата.

Влада донесе заклучок за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.

Воедно, владата ја информира јавноста дека во соработка со Министерството за внатрешни органи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се прибираат материјални докази и дека секој еден којшто е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара.

„Воедно, во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста“, се вели во соопштението од владината седница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ