Најголем интерес за полагање на стручен испит и оваа година имало во декемвриската испитна сесија кога положиле 232 доктори на медицина.
Докторите на медицина по завршување на медицинскиот факултет и приправничкиот стаж, најдоцна во рок од една година треба да полагаат стручен испит за да може да се стекнат со лиценца за работа. Организацијата на полагањето на стручниот испит е една од надлежностите на Комората, покрај издавањето на лиценци, водење на Регистар на лиценци, акредитација за континуираната медицинска едукација и спроведување на стручен надзор.
Минатата 2022 година стручен испит положиле 435 доктори на медицина, во 2021 уверенија за положен стручен испит добиле 350, а во 2019 година оваа бројка била 420.
Од Комората најавуваат дека во 2024 година ќе го модернизираат процесот на полагање на стручен испит, по примерот на останатите коморски асоцијации од западно-европските држави со кои се остварува блиска соработка.
„Базата на испитни прашања е обновена и дополнета и веќе е објавена на интернет страницата на Комората. Новина ќе биде тоа што писмениот дел од испитот ќе се полага на компјутер, каде посебен програм ќе генерира тест со испитни прашања и понудени одговори од кои само еден ќе биде точен. Откако ќе бидат одговорени сите прашања, компјутерскиот програм автоматски ќе го дава и бројот на точни одговори“, стои во соопштението.
Докторите кои точно ќе одговорат 60 проценти од прашањата ќе се упатуваат на полагање на практичен и устен дел од испитот. Во практичниот дел докторите ќе добиваат студија на случај на пациент и тие треба да објаснат како ќе го лекуваат.
Во последниот устен дел, како и досега, како што се наведува, акцентот се става на познавањето на етичните норми и правила кои лекарот треба да ги почитува во практикувањето на докторската дејност.