понеделник, 17 јуни 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Вистинската линија на поделба во Израел-Палестина

Варварството што Хамас го „истури“ врз Израел треба да биде безусловно осудено, и тоа без никакво колебање. Масакрите, силувањата и киднапирањата на цивили во села, од кибуци и масакрот на музичкиот фестивал беа вистински погром, со што се потврди дека вистинска цел на Хамас е да ја уништи државата Израел и сите Израелци. Сепак, неопходно е нештата да ги ставиме во историски контекст – не со цел да дадеме оправдување, туку заради јасност за тоа како да се продолжи понатаму.

Правата работа која треба да ја имаме предвид е апсолутниот очај кој е карактеристика на обичниот живот за повеќето Палестинци. Потсетете се на бранот изолирани самоубиствени напади кој се случуваше на улиците на Ерусалим пред околу една деценија. Обичен Палестинец ќе му пријде на Евреин, ќе извадеше нож и ќе ја избоде жртвата, знаејќи добро дека веднаш ќе биде убиен. Во овие „терористички“ акти немаше никаква порака, ниту извици „Слободна Палестина!“ Ниту, пак, зад нив стоеше некоја поголема организација. Тие беа само поединечни акти на очајно насилство.

Работите тргнаа на лошо откако Бенјамин Нетанјаху формираше нова влада со коалиција со екстремната десница, партии кои ги поддржуваат населувањата и кои отворено се залагаат за анексија на палестинските територии на Западниот Брег. Новиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, верува дека, „Моето право, правото на мојата сопруга, правото на моите деца да се движат слободно [на Западниот Брег] е поважно од она на Арапите“. Станува збор за човек на кој претходно му беше забрането да служи воен рок поради неговата припадност на екстремистички партии кои се против Арапите а кои се определени како терористички организации по масакрот на Арапите во Хеброн во 1994 година.

По долгиот период на фалење дека е единствена демократија на Блискиот Исток, Израел, под раководство на актуелната влада на Нетанјаху, се претвора во теократска држава. Листата на „основни принципи“ на актуелната влада вели дека: „Еврејскиот народ има ексклузивно и неотуѓиво право на сите делови на земјата Израел. Владата ќе го промовира и развива населувањето на сите делови на земјата на Израел – во Галилеја, Негев, Голан и Јудеја и Самарија“.

Имајќи ги предвид таквите обврски, апсурдно е да се укоруваат Палестинците за тоа дека одбиваат да преговараат со Израел. Официјалната програма на актуелната влада, едноставно, ги отстранува преговорите како можности.

Некои теоретичари на заговор ќе инсистираат на тоа дека владата на Нетанјаху сигурно знаела дека ќе се случи некаков напад, со оглед на силата која ја има Израел во однос на надзор и собирање разузнавачки информации во Газа. Но, иако нападот секако им служи на интересите на израелските тврдокорни што сега се на власт, тој исто така фрла сомнеж врз тврдењето на Нетанјаху дека тој е „Господинот безбедност.“

Во секој случај, не е тешко да се види дека двете страни – Хамас и израелската ултранационалистичка влада – се против каква било мировна опција. Секој е подготвен на борба до смрт.

Нападот на Хамас се случува во време на голем конфликт внатре во Израел, што се должи на напорите на владата на Нетанјаху да го уништи правосудството. Земјата, така, е поделена меѓу националистички фундаменталисти кои сакаат да ги укинат демократските институции и движењето на граѓанското општество кое е свесно за оваа закана, но кое истовремено не сака да стапува во сојуз со поумерените Палестинци.

Претстојната уставна криза сега е ставена во мирување, а објавена е и влада на национално единство. Всушност, тоа е стара приказна: длабоките и навидум егзистенцијални внатрешни поделби одеднаш се надминати, благодарение на заедничкиот надворешен непријател.

Дали е неопходно да постои надворешен непријател за да се постигне мир и единство дома? Како да се прекине овој маѓепсан круг?

Според она што го забележа поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт, она што треба да се прави е да се води борба против Хамас, а истовремено и да се дојде до Палестинците кои не се антисемитисти и кои се подготвени да преговараат. Спротивно на она што го тврдат израелските ултра-националисти, навистина има вакви луѓе. На 10 септември, повеќе од сто палестински академици и интелектуалци потпишаа отворено писмо кое „одлучно го отфрли секој обид за минимизирање, погрешно претставување или оправдување на антисемитизмот, нацистичките злосторства против човештвото или историскиот ревизионизам во однос на холокаустот“.

Откако ќе разбереме дека не сите Израелци се фанатични националисти и дека не сите Палестинци се фанатични антисемитисти, ќе можеме да започнеме да го констатираме очајот и збунетоста кои предизвикуваат изливи на зло. Ќе можеме исто така да почнеме да ја забележуваме чудната сличност меѓу Палестинците, чија татковина им е ускратена, и Евреите, чија историја е обележана со истото такво искуство.

Слична хомологија се однесува на терминот „тероризам“. Во периодот на борбата на Евреите против британската војска во Палестина, „терорист“ имаше позитивна конотација. При крајот на 1940-тите години, американските весници објавија оглас со наслов „Писмо до терористите од Палестина“, каде што холивудскиот сценарист Бен Хехт напиша, „Мои храбри пријатели. Можеби нема да верувате во тоа што ви го пишувам, бидејќи во моментов има многу ѓубриво во воздухот. Евреите од Америка се за вас“.

Под површината на сите полемики во однос на тоа кој денес се смета за терорист, се наоѓа огромното мнозинство на палестински Арапи кои со децении живеат во неизвесност. Кои се тие, а која земја е нивна? Дали се тие жители на „окупираната територија“, на „Западниот брег“, „Јудеја и Самарија“ или… на државата Палестина која е призната од 139 земји и е држава набљудувач во Обединетите нации од 2012 година a не е нивна членка? Сепак, Израел, кој ја контролира територијата, ги третира Палестинците како привремени доселеници, како пречка за воспоставување на „нормална“ држава при што Евреите се како единствени вистински домородци. Палестинците се третираат исклучиво како проблем. Државата Израел никогаш не подаде рака кон нив, нудејќи им надеж или позитивно гледајќи на нивната улога во државата во која живеат.

Хамас и тврдокорните во Израел се две страни на иста паричка. Изборот не е во едната или во другата тврдокорна фракција; изборот е помеѓу фундаменталистите и сите оние кои сè уште веруваат во можноста за мирен соживот. Не може да има компромис меѓу палестинските и израелските екстремисти, кои мора да бидат победени со целосна одбрана на палестинските права, и тоа е нешто што оди рака под рака со непоколебливата посветеност на борбата против антисемитизмот.

Колку и да звучи утописки, сепак двете борби се во истата насока. Можеме и треба безусловно да го поддржиме правото на Израел да се брани од терористички напади. Но, ние исто така мораме безусловно да сочувствуваме со навистина очајните и безнадежни услови со кои се соочуваат Палестинците во Газа и на окупираните територии. Оние кои мислат дека има „контрадикторност“ во ваквиот став се тие кои, ефективно, го блокираат постигнувањето решение.

                                                                                                                             Славој Жижек

                                                                                                       (Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Клима уреди во училницата?

Мирко Стојановски

И по ЕУ, ЕУ!

Димитар Љоровски Вамваковски

„Победници“, „Губитници“ и компромисни решенија: Што предвидува Договорот од Преспа?!?

Рајко Пеколски

Плитка држава

Ристо Цицонков

Колку повеќе ладиме, станува уште пожешко на планетата Земја

Димитар Љоровски Вамваковски

Сoвременото „македонско прашање“ – опасност или фикција за грчката национална безбедност!?!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ