понеделник, 3 март 2025

Високо образование: Одлепување од дното на резултатите на ПИСА и ТИМСС и покачување на Шангајската листа

Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е партнер на Министерството за образование и на Ректоратот не само во процесот на остварување на правата на вработените на Скопскиот универзитет туку и во грижата и залагањето за поквалитетно високо образование и унапредување на научните истражувања.

Објавено на

часот

Сподели

Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е партнер на Министерството за образование и на Ректоратот не само во процесот на остварување на правата на вработените на скопскиот универзитет, туку и во грижата и залагањето за поквалитетно високо образование и унапредување на научните истражувања. Ваквиот став го делат првите луѓе на Синдикатот, МОН и Ректоратот и тоа го соопштија на денешната конференција насловена „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“ која ја организираше Сојузот на синдикати на УКИМ по повод пет години од неговото основање.

„Без оглед дали понекогаш има меѓу нас недоразбирање или различни мислења, целта е иста и таа заеднички треба да ја постигнуваме, а тоа е покачување на квалитетот на високото образование односно одлепување од дното на резултатите на ПИСА и ТИМСС, на пример, и покачување на Шангајската листа на нашите универзитети, во овој случај на УКИМ. Синдикатот не треба да се грижи само за правата на работниците, туку, бидејќи станува збор за синдикат на професори, има одговорност за унапредување на образовниот процес и постигнување повисок квалитет. Се надевам дека оваа научна конференција ќе покаже како тоа е можно“, изјави Јаневска за медиумите.

На отворањето на конференцијата, министерката Весна Јаневска истакна дека посветеноста кон високото образование и науката Владата го покажува со издвојувањето поголем буџет, кој за УКИМ за 2025 година е 3,7 милијарди денари, односно зголемен за 1,5 милијарда денари во однос на минатогодишниот од 2,2 милијарди. Од јануари на поголем дел од вработените на државните универзитети бруто платите, без минат труд, во просек им се зголемени за околу 14 отсто, а  за помал дел односно за ненаставниот кадар се  зголемени во просек за околу 8 отсто.

Според Јаневска, секогаш може да бидат повеќе вложувањата во високото образование и во науката и тие, рече, никогаш не се доволни ако сакаме да ги следиме високоразвиените земји.

„Но е голем исчекорот во однос на она што се случувало порано, па се надевам дека истото ќе се случува и во следните години, затоа што имаме разбирање и државата има потреба од наука, иновации, квалитетно образование, така што и во идните години ќе преземаме слични чекори“, посочи Јаневска.

Покрај покачување на платите кои, рече, се силен мотив и се веќе остварени, предизвици што претстојат во наредниот период се и условите за работа „кои не можеме да речеме дека се најдобри и би можело да се поправат“.

„Станува збор и за законски решенија и за реформа во високото образование и во науката која ќе го подобри квалитетот. Треба модернизација на студиските програми и намалување на нивниот огромен број, треба поголемо внимание и фокус на вистински иновации поврзани со науката и технологијата и се ова ќе се прави континуирано во следниот период. Има и други нешта, но ова се најбитните“, рече Јаневска.

Претседателот на Синдикатот на УКИМ Ангел Ристов и ректорката на скопскиот универзитет Биљана Ангелова се задоволни од соработката затоа што, како што двајцата истакнаа, тие се две страни на ист медал и работат во синергија.  Како што рече Ристов, забележителен е успехот од нивната одлична соработка  и исто така нагласи дека Синдикатот има обврска и одговорност не само за заштитата на правата на вработените туку „и одговорност кон творењето, прогресот, унапредување на науката’.

„А се во интерес на државата и, пред се, во интерес на нашите студенти – да имаме подобро, поквалитетно образование, а тоа го покажува поддршката од страна на Министерството со покачување на процентот на издвоени средства за наука. Се надевам дека во иднина доаѓаат подобри времиња за универзитетите, за УКИМ, за вработените, но, исто така, и за студентите. Токму затоа на оваа денешна конференција ќе дискутираме за бројните предизвици со кои се соочува високото образование, но ќе дадеме наши размислувања и предлози за подобрување и унапредување на регулативата со која се уредува високото образование“, рече Ристов.

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова посочи дека работат во синергија со синдикатот, а таа спрега, како што рече, е многу важна затоа што „синдикатот помага не само во остварување на работничките права на професорите и на сите вработени на универзитетот, туку и за многу други прашања коишто го тангираат високото образование“.

„Како што е самото високо образование, науката, како два клучни процеса на универзитетот. Токму затоа и ќе дебатираме на конференцијата – како да го подобриме квалитетот на високото образование, квалитетот на нашите истражувања, што да направиме за да бидеме повидливи и, конечно, нашиот универзитет да се најде на реномираните ранг-листи каде што се реномираните универзитети од цел свет“, изјави Ангелова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ