Шмит зборуваше за различните наставни програми во двата ентитета на БиХ и кажа дека не сака да гледа две школи под еден покрив, туку дека е можно само едно училиште под еден покрив. Кажа дека треба да седнат заедно и да направат заедничка наставна програма и дека во спротивно ги уништуваат младите генерации.
„Неприфатливо е тоа што во учебниците гледаме фотографии на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ. Зошто ставате фотографии? Подарете им на овие деца можност да учат и да носат сопствени одлуки“, кажа Шмит.
Изјавата предизвика бурни реакции во БиХ, особено меѓу Бошњаците, а реагираше и бошњачката партија СДА, чиј член беше покојниот Изетбеговиќ.
„Изјавата на високиот претставник Кристијан Шмит дека еднаков проблем се фотографиите на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ во учебниците е скандалозна. Недозволиво е овие две имиња да се спомнуваат во иста реченица и да се изедначуваат во кој било контекст“, порача СДА.