сабота, 27 јули 2024
Анализа

Висока буџетска цел за 2024

Објавено на

часот

Сподели

Развоен дел на Буџетот за 2024

Во Министерството за транспорт се концентрирани највисоките износи за јавни инвестиции, а салдото е значајно зголемено за 245 милиони евра преку ставката инвестиции во патна инфраструктура која го опфаќа пред се проектот Бехтел и Енка. Позначајна сума од 30,9 милиони евра е планирана за инвестиции во железничката инфраструктура при што околу 60% од средствата ќе се обезбедуваат од заеми. Поголем износ, скоро 2,1 милион евра, е планирана за системите за отпадни води. Предвидени се 9,8 милиони евра за локални патишта преку обезбедување на заеми. Вкупниот износ на планирани заеми за следната година изнесува 32,8 милиони евра. 

Со повисоки износи за развојни проекти е Министерството за финансии. Конкретно преку Министерство за финансии – функции на држава до година ќе се потрошат вкупно 67,1 милион евра, од нив 58,2 милиони евра за проекти поврзани со ЕУ реформи во повеќе сектори и министерства. Преку развојниот дел на буџетот на Министерството за финансии планирани се близу 8,9 милиони евра наменети за проекти на општинско ниво.

Преку развојната компонента на Министерството за одбрана се планирани 111,1 милион евра – најголем дел или 95 милиони евра се за „Интеграција во НАТО“, за изградба и реконструкција на објекти се планирани 11,5 милиони евра, а за модернизација 4,6 милиони евра.

Министерството за образование догодина ќе треба да потроши 12 милиони евра за реконструкција и изградба на основни училишта и спортски сали во основни училишта, 3,5 милиони евра за средни училишта и ученички домови додека за изградба и реконструкција на студентски домови 2,8 милиони евра. Ова министерството планира дел од овие проекти да ги оствари со заеми во износ од 4,7 милиони евра и уште 1 милион евра од донации.

                              Капитални инвестиции 2024 година

Министерство за транспорт                                           292.700.000 евра

Министерството за одбрана                                          111.133.000 евра

Министерство за финансии- функции на држава         67.100.000 евра

Министерство за образование                                       24.780.000 евра

Министерство за здравство                                            13.345.000 евра

Министерство за внатрешни работи                              13.295.000 евра

Министерство за земјоделство                                         4.539.000 евра

Министерство за труд                                                        2.270.300 евра

Следната 2024-та за реконструкција на охридската Специјална болница Св Еразмо- Охрид, за Клиника за хируршки болести Св.”Наум Охридски” од  Скопје и други, преку развојниот дел на Министерството за здравство планирани се речиси 2,2 милиони евра, а за медицинска опрема за сите здравствени установи, предвидени се 7,8 милиони евра. И во новиот Буџет се најдоа старите проекти, почнати, а сѐ уште незавршени. Па така за Општа болница Кичево се планирани 812.000 евра, а двојно поголеми суми се планирани во следните години, 2025 и 2026. За изградбата на новите клинички центри во Скопје и во Штип догодина ќе се одвојат 2,5 милиони евра, а најголем дел од оваа сума или 1,5 милиони евра планирано е да се обезбедат од заем.

Буџетот за развој на Министерството за внатрешни работи во 2024 ќе изнесува 13,3 милиони евра. Од нив 8,8 милиони евра за реформи во полицијата, а 4,5 милион евра за реконструкција и опремување на згради.

Во развојниот дел на буџет на Министерството за економија доминира проектот за гасификација за што се одвојуваат речиси 3,7 милион евра, а за поддршка на мали и средни фирми предвидени се 1,3 милиони евра. Буџетот на Дирекцијата за ТИРЗ  догодина ќе изнесува 12,4 милиони евра  – пари кои ќе се трошат за инфраструктура во повеќето економски зони, освен во Скопје, Штип, Прилеп и во Струга, Струмица, Кичево , Куманово, Липково, Косел, Жабени.

Развојниот дел за инвестиции на Министерството за земјоделство изнесува 4,5 милиони евра. Од нив околу 1 милион евра се за модернизација во земјоделството, скоро 1 милион евра за хидросистемите Злетовица и Лисиче и 800.000 евра за проектот наводнување на јужната долина на Вардар и уште 1,6 милиони евра за останатите системи за наводнување по должина на реката Вардар.

Преку Министерството за труд и социјална политика, за изградба и реконструкција на објекти за детска заштита се предвидени 1,1 милион евра а за објекти за социјална заштита и за домови за стари лица 276 000 евра. Позначајна сума од околу 812.000 евра е за поттикнување на вработувањето.

Од останатите ресори, Министерството за информатичко општество добива 2,8 милиони евра,  Министерството за животна средина 711.000 евра а Министерството за правда ќе има 200.000 евра за развојни програми и проекти .

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ