Шер Абас Станикзаи, заменик во Министерството за надворешни работи, завчера одржа говор во југоисточната провинција Хост. На церемонија во едно верско училиште, тој рече дека нема причина да им се забранува образование на жените и девојчињата, за тоа немало никакво оправдување во минатото, а никогаш не требало ни да има.
Владата им забрани на жените да се школуваат после шесто одделение, а минатиот септември имаше извештаи дека властите исто така ја прекинале медицинската обука и курсевите за жени. Дополнително, во Авганистан, жените и девојчињата смеат да бидат лекувани само од женски лекари и здравствени работници, а не и од машки работници и лекари. Властите сè уште официјално не ја потврдиле забраната за медицинската обука.
„Уште еднаш го повикуваме раководството да ги отвори вратите на образованието“, рече Станикзаи во видео споделено на неговиот официјален профил на Икс. „Им правиме неправда на 20 милиони луѓе од 40 милиони население и им ги ускратуваме сите нивни права. Ова не е дел од исламскиот закон, туку наш личен избор или природа“, изјави тој. Станикзаи своевремено го водеше талибанскиот тим во преговорите што доведоа до целосно повлекување на странските трупи од Авганистан.
In a rare public critique, senior Taliban official Sher Abbas Stanikzai has called for lifting ban on Afghan girls’ education, declaring there is “no excuse” for ongoing restrictions. Speaking in Khost province, Stanikzai said the policy was unjustified depriving 20 million… pic.twitter.com/HPfct85ZSG
— Afghanistan Times (@AfghanistanTime) January 19, 2025
Не е првпат да изјави дека жените и девојчињата го заслужуваат правото на образование. Слични изјави тој даде во септември 2022 година, една година по затворањето на училиштата за девојки и неколку месеци пред воведувањето на забраната за студирање на универзитетите. Сепак, последните коментари го означија неговиот прв директен повик за промена на политиката и апел до талибанскиот водач Хибатула Ахунџада.
Ибрахим Бахис, аналитичар за Јужна Азија при организацијата „Кризис груп“, рече дека Станикзаи веќе нагласувал дека образованието на девојчињата е право на сите жени во Авганистан. „Сепак, оваа последна изјава оди чекор подалеку бидејќи јавно повикува на промена на политиката и ја доведува во прашање легитимноста на сегашниот пристап“, рече Бахис.
Претходно овој месец, во пакистанската престолнина Исламабад, добитничката на Нобеловата награда за мир Малала Јусафзаи ги повика муслиманските лидери да ги предизвикаат талибанците по прашањето за образованието на жените и девојчињата. Таа зборуваше на конференција организирана од Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) и Муслиманската светска лига.
ОН нагласија дека признавањето на режимот на талибанците е речиси невозможно додека забраните за образование и вработување на жените остануваат на сила, а на жените не им е дозволено да излегуваат во јавност без машки старател. Ниту една земја не ги признава талибанците како легитимни владетели на Авганистан, но некои држави, како Русија и Индија, градат односи со нив.