До каде сме со Реформска агенда 2024-2027? Можете ли да направите некој пресек со конкретни датуми што и кога треба да се заврши од таа агенда?
– Планот за раст за земјите од Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 беа претставени пред речиси една година од страна на Европската комисија, со цел намалување на економските диспаритети на земјите од регионот споредени со членките на ЕУ. Планот за раст се базира на четири основни столба – зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на регионалната економска интеграција, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за Западен Балкан.
Главната цел на Планот, за периодот 2024-2027, е некои од придобивките од членството во Унијата да им се стават на располагање на граѓаните на земјите од Западен Балкан во претпристапниот период, односно пред нивното членство во ЕУ. Планот за раст за Западен Балкан е поткрепен со дополнителен финансиски пакет од 6 милијарди евра, од кои 4 милијарди евра се во форма на заем, а 2 милијарди евра во форма на грант. Од вкупниот износ на средства (6 милијарди), 3 милијарди евра се наменети за директна буџетска поддршка (како заеми), а 3 милијарди евра ќе се спроведуваат преку Механизмот на инвестициска рамка за Западен Балкан (дел неповратни средства и дел заеми).
За нашата земја, во координација со Европската комисија, се утврдени пет приоритетни области во Реформската агенда, а дел од реформите опфаќаат активности кои се однесуваат на – управување/реформа на јавна администрација и управување со јавните финансии, потоа енергетска/дигитална транзиција, човечки капитал, деловно опкружување и владеење на правото.
Во Реформската агенда се утврдени и приоритети за инфраструктурни инвестиции и проекти за завршување на железничките и патни коридори, дигитализација на образованието и здравството, проекти за модернизација на јавниот енергетски сектор, односно инвестиции во проширување на мрежата за пренос на електрична енергија, воведување на објекти за складирање на електрична енергија, зголемување на енергетската ефикасност на системите за греење во Скопје и Битола, реновирање училишта преку воведување на енергетска ефикасност…
Она што е важно е дека на Македонија треба да ѝ припаднат околу 750 милиони евра (2024-2027). Предвидена е исплата два пати во годината, вклучително и претфинасирање во висина од 52,5 милиони евра. Плаќањата ќе бидат условени со реализација на квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи за периодот од 2024-2027 година.
Имплементацијата на Реформската агенда е приоритет на Владата. По формалното одобрување на истата, веднаш се започна со реализацијата на договорените чекори. Досега донесен е Законот за системот за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, измените на Законот на трговските друштва, подзаконските акти од Законот за буџети.
Исто така во напредна фаза на реализација се и чекорите што се однесуваат на операционализација на управувачките структури предвидени во патоказот за праведна транзиција и одобрување на годишниот план за 2025, како и чекорот за пополнување на испразнетите места во судството и обвинителството.
Желбата очигледно ја имаме, но дали имаме капацитети, знаење, луѓе обучени за да го спроведат ова?
– Се разбира дека имаме капацитет и кадар за да ја спроведеме оваа обемна програма. Како нова влада, имаме и план и визија сето тоа да го реализираме. Македонија располага со стручни лица што имаат знаење и искуство во менаџирањето сложени проекти, вклучувајќи ги и оние финансирани од ЕУ. Проблемот е што квалитетните кадри досега беа маргинализирани и ставани во втор план. Но ви ветувам дека тоа веќе се менува и вистинските луѓе ќе бидат на вистинските места бидејќи интересот на државата е на прво место. Покрај тоа, инвестирање во дополнителни обуки, едукација и зголемување на капацитетите, се клучни за обезбедување успешна имплементација на проектите. Со соодветен тим, организирана координација и јасно дефинирани приоритети, ќе ги реализираме планираните реформи во интерес на сите граѓани.
Приоритетите пак се борбата со корупцијата, владеење на правото, правната држава, реформи во судството… Тоа го има во агендата, но дали ќе стигнеме до 2027?
-Немаме избор, мора да стигнеме. Ова е историска шанса што не смееме да ја пропуштиме. Пак ви велам, со посветена работа мора да стигнеме до 2027 година да ги завршиме сите реформи. Овие реформи, како што се борбата против корупцијата, владеењето на правото и реформите во судството, се од клучно значење не само за приближување до Европската Унија, туку и за создавање подобар живот за нашите граѓани. Членството во ЕУ не зависи само од нас – тоа ќе зависи и од подготвеноста на Брисел за прием на нови членки. Но тоа не значи дека треба да чекаме. Мора да ги завршиме обврските на домашен терен и да бидеме подготвени кога ќе дојде моментот. Ова не е само обврска кон ЕУ, туку е нешто што го правиме за себе и за идните генерации.
И пак тука мора да се постави прашањето за искористување на ИПА-средствата – можеме ли? А кога не можеме, треба да ги враќаме неискористените средства од ИПА 2… И ова прашање со ИПА-средствата веќе е здодевно, па секоја година се зборува за нови препораки и мерки за тоа како тие пари да се искористат.
– Во моментов се соочуваме со сериозни предизвици во искористувањето на средствата од ИПА-програмите, особено во секторите транспорт и животна средина, иако претходната власт нѐ убедуваше дека сме лидери. За жал, до крајот на годинава ќе изгубиме 43 милиони евра: 32 милиони евра од алокацијата за железничкиот проект кон Бугарија, што претставува целата ИПА-компонента за овој проект. Поради ова, тендерот ќе мора да го преземат јавното претпријатие МЖ инфраструктура и Европската инвестициска банка (ЕИБ). Останатите 9 милиони евра се од проекти за животната средина, вклучително регионални депонии и пречистителни станици за отпадни води во Тетово и Битола.
За да ги надоместиме овие загуби, Владата донесе одлука голем дел од средствата да бидат покриени со национални фондови во наредните две години, за да се обезбеди реализација на овие капитални проекти.
Кај програмата ИПАРД 2, ризикуваме да изгубиме дополнителни 9 милиони евра ако не се завршат сите плаќања, но важно е да се истакне дека, дури и со оваа загуба, Македонија останува втора во регионот по искористеност на ИПАРД-програмите, веднаш зад Турција.
На долг рок, има идентификувани ризици за губење на дополнителни средства до крајот на 2025 и 2026 година. Сепак, доколку ги спроведеме договорените проекти за животна средина и побараме продолжување на роковите, дел од средствата може да се спасат.
ИПА-средствата се клучни за евроинтеграцијата и реформите во земјата. Ова е можност, но и обврска за сите институции да работат поефикасно. Доколку не успееме, ќе продолжиме да се соочуваме со загуби, што не смееме да си го дозволиме.
До каде сме со решавањето на случаите со злоупотребата на ИПА-фондовите? Кои се санкциите?
– Злоупотребата на ИПА-фондовите е сериозен проблем што директно го загрозува нашиот кредибилитет во користењето на средствата од Европската Унија. Досега, идентификувани се неколку случаи на неправилности, а институциите активно работат на нивно решавање.
Во тек се истраги во соработка со Антикорупциската комисија, Државната ревизија и надлежните обвинителства. Во некои случаи е утврдена повреда на процедурите, како и злоупотреба на средства преку фиктивни набавки, договори или неправилна распределба. Санкциите за злоупотребата на ИПА-фондовите се предвидени како финансиски и кривични. При финансиските санкции ЕУ бара враќање на средствата што биле неправилно искористени. Ова директно влијае врз националниот буџет, бидејќи државата мора да ги надомести овие загуби, а при кривични санкции, лицата што се вклучени во злоупотреба на средствата се соочуваат со истрага и кривични постапки за корупција, измама или злоупотреба на службената положба.
Во надворешната политика, пак, некако цврсто се држиме до Брисел и Вашингтон и покрај многуте неправди и непринципиелни одлуки донесени од ЕУ и САД при решавањето билатералните проблеми на Македонија со Бугарија и Грција. Се размислува ли во Владата на еден поширок настап?
– Нашата стратегиска определба од 1991 година до ден денешен се Европската Унија и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ од своето основање ги има зацртано овие цели во својот Статут, како и градење близок партнерски однос со нашите најголеми пријатели на меѓународната сцена, Соединетите Американски Држави. Таа далечна 1991 година, ВМРО-ДПМНЕ беше единствената политичка сила што се залагаше за овој меѓународен курс. Имајќи го предвид сето ова, патот што треба да го одиме за нас како Влада е повеќе од јасен и тука нема дилеми.
Што се однесува на билатералниот спор што произлезе во односите помеѓу Македонија и Бугарија, би сакала да истакнам дека за него ќе бараме решение преку дијалог со новата влада во Бугарија, во духот на добрососедските односи, како два народи што историски гледано делат многу повеќе позитивни отколку негативни моменти. Ние веќе излеговме со конструктивен предлог, кој сметаме дека може да го затвори ова прашање на заемен интерес. За овој предлог ќе продолжиме да бараме сојузници кај нашите пријатели во Европската Унија, но и кај новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, затоа што сметаме дека тоа е еден предлог што на одреден начин ги задоволува двете страни. Сметам дека имаме големи пријатели што се дел од новата администрација на претседателот Трамп, кои би ни помогнале на нашиот пат.
И Вие, и шефот на македонската дипломатија, и премиерот, јавно изјавувате дека наидувате на големо разбирање од пријателите во Европа во однос на проблемот со Бугарија и уставните промени. Сепак, официјалните изјави на претставниците на ЕУ се сведуваат само на едно – мора да се испочитува тоа што е договорено и потпишано. Како натаму?
– Како што веќе истакнав, ние ќе продолжиме да бараме сојузници за решавање на овој билатерален спор. За жал, поради неискрениот пристап на претходната влада, без да се земат предвид македонските национални интереси, Македонија е доведена во многу незавидна позиција. Ние во тој поглед работиме принципиелно и сето она што сме го дале како ветување во нашата предизборна програма, денес се наши државни позиции. Од информациите со коишто јас располагам, можам да кажам дека во Европската Унија и кај повеќе земји членки има разбирање за нашите позиции.
За нас е многу важно, паралелно со барањето начини за решавање на овој проблем, забрзано да работиме на домашните реформи, кои изминатите години, за време на владеењето на претходната влада, беа закочени. Тука пред сѐ мислам на реформа на судскиот систем, но и на здравството, образованието и секоја друга област од македонското општество. За таа цел интензивно работиме на реализација на реформската агенда во којашто имаме зацртано амбициозни цели, коишто сум убедена дека ќе ги оствариме според зацртаното.
Александар Дамовски
Фото: Роберт Атанасовски