Потенцирајќи ја поддршката од Полска во рамките на полското претседателство со Советот на ЕУ, заменик-министерката за европски прашања, Трајков во своето обраќање истакна дека „добиваме охрабрувачки тонови дека нивната континуирана и гласна поддршка за пристапниот процес на нашата земја и понатаму ќе продолжи“.
Трајков додаде и дека приоритетите на полското претседателство се поистоветуваат со нашите приоритети насочени кон обезбедување на мир и просперитет .
„Посветени сме на исполнување на зацртаното во Патоказот за Европската Унија и работиме на негово воедначување со Реформската агенда. Во тој правец, сакам да потенцирам дека веќе е потпишано барањето за исплата на 7 отсто пред-финансирање предвидено со Реформската агенда, чии приоритети ги покриваат областите на зелена транзиција, човечки капитал, развој на бизниси и владеење на правото, но и на инвестиции во енергијата, дигитализацијата, патната и железничката инфраструктура, здравство и образование. Со ревидираната листа од 22 проекти предвидени со Реформската агенда предвидени се инвестиции во износ од 1,3 милијарди евра и потенцијални инвестициски грантови од страна на Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) во износ од 441 милиони евра“, рече Викторија Трајков на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции, додавајќи дека со оваа помош ќе се обезбеди олеснување на евроинтеграцискиот процес и долготраен раст и развој на нашата држава.
„Ние немаме друг избор освен да продолжиме цврсто во исполнување на нашите приоритети што ќе ни обезбеди место во европското семејство“, подвлече Трајков.
На забелешките на опозицијата Трајков одговори дека наместо суштински предлози и соработка, опозицијата без аргументи не треба да ја кочи реформската агенда на Македонија. Пратеникот Венко Филипче на денешната втора седница на Националниот совет за евроинтеграции забележа дека Реформската агенда е закочена.
„Сите ние во Министерството за европски прашања кои иако сме малку, овој период работиме посветено на реформската агенда. Подготвени сме во секој момент да излеземе и со детален извештај до каде сме во процесите“, објасни Трајков.
Таа рече дека реализацијата на реформската агенда ќе биде уште побрза, ако опозицијата не ја кочи работата.
„Европската Комисија ја оцени најдобро нашата агенда, доколку не се кочиме во работата, конечно ќе докажеме дека освен што добро сме ја сработиле агендата, туку и одлично би ја реализирале во зацртаната временска рамка“, порача Викторија Трајков.