Во соопштението објавено на сајтот на полицијата се наведува дека полицијата ја прегледала снимката која ја направил српски државјанин кој живее во Виена откако забележал сличност меѓу девојчето и двегодишната Данка која исчезна во Србија.
„Откако семејството ги погледна фотографиите соопшти дека претпоставува дека најверојатно станува збор за девојчето од Србија. Се повикуваат жените од снимката или сведоци кои го знаат нивниот идентитет, место на престој, или знаат каде се наоѓа детето да се јават“, се наведува во соопштението.
Се повторува дека виенската криминалистичка полиција ја презела истрагата на сомнежите за киднапирање на девојчето.
Двегодишната Данка Илиќ, која исчезна на 26 март, има кафена коса, кафени очи и висока е околу 85 сантиметри. На себе во моментот на исчезнувањето имала маслинесто зелена јакна, виолетови панталони и црни патики.
Полицијата на денот на исчезнувањето на девојчето за прв пат во Србија го активираше системот „Најди ме“, со кој јавноста итно се известува за исчезнување на дете.
По неа е распишана и жолта потерница на Интерпол.