сабота, 27 јули 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Ветерот на промените

Постарите читатели добро се сеќаваат на оној антологиски изблик на неверување на познатиот спортски коментатор Младен Делиќ, кога на фудбалскиот натпревар помеѓу СФР Југославија и Бугарија егзалтирано извика: „Људи, па јели то могуќе! Лудница, шта је ово?“!!! За помладите, да појаснам дека на тој натпревар Радановиќ постигна гол во последната минута за победа на Југославија од 3:2, гол што ја однесе репрезентацијата на финалниот турнир на Европското првенство во Франција во 1984 година.

Не знам како почитуваниот Младен Делиќ, да е уште жив, би ги коментирал случувањата во македонската дипломатија, но сигурен сум дека неверувањето, а и извикот би биле барем неколку пати посилни.

Бескрупулозно да го натрупате МНР со неспособни партиски кадри („нешто да се работи“), хипер експресно да ги унапредувате истите тие кадри до највисоко ниво, а за сметка на нив да блокирате цели генерации дипломати во нивното кариерно напредување, да жртвувате многумина искусни дипломати и да ги деградирате дури и кога се пред пензионирање само поради тоа што не се од вашата политичка провиниенција ниту пак го величаат вашиот лик и дело, да го претворите МНР во Клубот на мртвите поети каде што само најтесното опкружување на министерот е запознаено со нештата – тоа го може само лик како Бујар Османи, кој ќе остане запишан во светската историја како прв и за сега единствен Шеф на дипломатија чии дипломати се имаат откажано од него и јавно му побарале оставка.

Длабоки се политичките, етничките и клиентелистичките бразди што Османи ги остава зад себе во МНР, со присутни сомнежи за бројни злоупотреби на службена должност, како што истакнуваат од Македонскиот дипломатски синдикат.

Последниот пример со намерата на Османи како Генерален конзул во Њујорк да испрати некој си г-дин Мухаби Синани, дипломатски почетник кој пред кратко време дошол во МНР од познатата тетовска фирма Еколог, јасно покажува дека Османи веќе не се ни труди испраќањето на своите партиски пулени на високи позиции во странство да го завиткува во каква – таква обланда, туку без око да му трепне, безобзирно ги гази законите и принципите врз кои се изградени дипломатските институции и кариерното напредување, небаре министерството го добил од татко му во наследство. Наспроти сите јавни повици од фелата за почитување на Законот и ревизија на одлуката за упатување почетник со кратко време поминато во МНР и ненаучен занает, без да има стекнато високо дипломатско звање, што според членот 35а од Законот за надворешни работи е задолжителен предуслов за упатување на место генерален конзул, Османи со неподнослива леснотија го крши Законот за надворешни работи и не се откажува од тоа што го наумил. Како да се заинатил тоа што пред некое време не успеал да ја испрати младата ТВ – презентерка Бесмира Ејупи (токму поради силниот отпор на јавноста) на истото место во Њујорк, сега сепак да го оствари со Мухаби Синани. Или пак оваа негова упорност има некаква друга потемна позадина, не знам. Доколку успее во ваквата намера, по изборите во мај годинава, Османи треба да биде подготвен да одговара на суд за кршење на Законот за надворешни работи и злоупотреба на службената должност.

Она што многу ме разочара во одговорот на Османи на реакциите на синдикатот беше бедното лажење на јавноста дека Законот не предвидува пречки од типот поседување високо дипломатско звање. Каде го има тоа министер во очи да ги лаже своите граѓани?! Но, колегите од синдикатот го фатија во лага 100 проценти и доколку имаше барем малку чест и достоинство, Османи уште денес треба да поднесе оставка на место министер за надворешни работи. Во дипломатијата можете нешто и да премолчите, но никако не смеете да лажете. Тоа едноставно не е дозволено. Во таков случај сте веднаш екскомуницирани на меѓународната сцена. Со такви ликови никој не преговара и никој не сака да си има работа.

А да му е прв пат да лаже, не му е. Се сеќавате како во јуни 2022 година, кога се кренаа големи протести против францускиот предлог, ги злоупотреби своите колеги високи дипломати, лажејќи дека истите го виделе предлогот и се согласиле со него. А предлогот воопшто не ни влегол преку архивата на МНР, туку тајно, на задна врата директно во кабинетот. Но, кога се соочи со реакцијата на јавноста, ликот немаше храброст да понесе одговорност за прифаќањето на овој контроверзен документ, туку се обиде одговорноста да ја сподели со колеги, кои патем немале можност ниту да го видат истиот. Прилично неколегијално.

Ни тоа не му беше доволно, па вчера во интервју на овој ист портал отиде чекор понатаму, тврдејќи дека протестите за францускиот предлог произлегле поради некаков „лажен нацрт документ, кој не бил ни близу до она што било договорено меѓу Македонија и Бугарија“. Османи свесно заборава дека токму власта направи вистинска какофонија со невештото криење на предлогот (благодарение на бугарските новинари), по што „херојското не“ при откажување од првата верзија од страна на премиерот Ковачевски, по само неколку дена ќе исчезне, а „вториот“ предлог ќе биде театрално прифатен како наша „победа“. Според зборовите на француската амбасадорка во Софија и други високи бугарски функционери, немам дилеми дека станува збор за идентичен текст.

Деновиве, уште едно незаконско кадровско решение за место Генерален конзул во Мелбурн, Австралија, ја стресе јавноста. На затворена седница, Владата решила извесна Елена Брајковска, исто така без грам дипломатско искуство, од позиција секретарка на обезбедувањето на премиерот Ковачевски да биде упатена во Мелбурн!!!? Мора да признам дека во мојата триесет годишна дипломатска кариера немам видено нешто слично и дека за мене претставува голема мистерија како тоа секретарското овластување во тимот за безбедност на Димитар Ковачевски дава основа и знаење за позиција на генерален секретар. Па уште во Њујорк! Дали Ковачевски и Османи се воопшто свесни какви предизвици го очекуваат новиот генерален конзул во Њујорк и какви познавања, вештини и искуство треба да има за да успешно се носи со прашањата? Или не се свесни или пак тоа не ги ни интересира воопшто. И двете опции се на штета на државата.

Иако поговорката според која глувците први го напуштаат бродот што тоне е општо позната, сепак не ми е јасно зошто властите во заминување по правило масовно почнуваат да ги вдомуваат своите миленици и измеќари токму непосредно пред паѓањето од власт. Зарем не сфаќаат дека им прават лоша услуга, па дури и во случаи на докажани професионалци. Власта си прави лоша услуга И на себе, бидејќи сликата на бежанија е грда и потсетува на масовно бегање на колонисти од туку што ослободени колонии. Чуму паника и брзање? Се може да се направи на време, со добро планирање и согласно законите. Така прави секоја сериозна и одговорна дипломатија.

Еве, деновиве забрзано се празни кабинетот на Османи. Кој во Финска, кој во ЕЛЕМ, кој во нотари, кој во амбасадори..  Бум! Распрскување на сите страни. Минатиот месец претседателот Пендаровски потпиша акредитивни писма за шест амбасадори. Се подготвуваат уште неколку вакви last minute трансфери. Најинтересен е оној на Илми Селами од Чаир,  поранешен претседател на ДКСК, кој според блиски извори до кабинетот на Османи, треба да замине на амбасадорско службување во Будимпешта, како влог за повеќе гласови на изборите во Чаир но и награда за наводното заташкување на корупциски скандали на ДУИ за време на неговото претседавање со Антикорупциската комисија.

Веројатно, проблемот ќе е во неспособноста за согледување од блиску дека крајот доаѓа, нешто што од страна пак многу лесно се воочува. А кога ќе се согледа, веќе е доцна, па почнуваат гужвите, преселувањата, обвинувања на национална карта дека тие, ете, одлично работат, но на другите им пречи нивниот етникум и многу други неубави и патетични глупости.

Секоја чест на Македонскиот дипломатски синдикат кој во сите премрежја остана светилник во темнината и продолжува да се бори до крај за зачувување на професионалните стандарди. Демонтирањето на дипломатијата еднаш навистина мора да престане. А потоа да почне рестартирањето и градењето нова и компетентна дипломатска служба.

Ветерот на промени веќе се чувствува, а слушам хотелот и Офицерскиот дом во центарот на Скопје продолжуваат да се градат.

Амбасадор Зоран Дабиќ

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ